ВЛАДИНАТА ИНВЕСТИЦИЈА НОВО МАКЕДОНСКО СЕЛО ЌЕ СЕ ИСПЛАТИ ЗА 155 ГОДИНИ

    ВЛАДИНАТА ИНВЕСТИЦИЈА НОВО МАКЕДОНСКО СЕЛО ЌЕ СЕ ИСПЛАТИ ЗА 155 ГОДИНИНа отворањето беа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи Никола Попоски. (Фото: Влада)

    Инвестицијата на Владата во Македонско село во Нерези ќе се исплати по нешто повеќе од 155 години. Толку време треба закупецот да ѝ плаќа на Владата по 3.500 евра месечно, колку што е сегашната кирија, за да се стигне до приближно 6,5 милиони евра колку што државата вложи во селото.

    Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра.

    – Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување.

    – 24.000 евра чинеа трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото.

    – 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот.

    –  2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

    Сите овие трошоци треба да се покријат со месечна кирија од 3.500 евра, колку што на државата ќе ѝ плаќа поранешниот градоначалник на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, како сопственик на „Квинс хотел“ и „Тинекс“ кои во следните 20 години ќе стопанисуваат со селото.

    Постапката за избор на концесионерот ја спроведе владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР).

     

    Со одлука на Владата, „Тинекс“ и хотел „Квинс“ – два субјекта кои се во сопственост на Владимир Тодоровиќ и неговото семејство, ќе стопанисуваат со комплексот „Македонско село“ во наредните 20 години. (Фото: СДК.МК)

    Со одлука на Владата, „Тинекс“ и хотел „Квинс“ – два субјекта кои се во сопственост на Владимир Тодоровиќ и неговото семејство, ќе стопанисуваат со комплексот „Македонско село“ во наредните 20 години. (Фото: СДК.МК)

    „Квинс хотел“ и „Тинекс“ на јавното наддавање, на кое учествуваа вкупно тројца понудувачи, понудија највисока цена за кирија.

    Владата пред да склучи договор со нив, имаше договор за концесија со „Тренд“, но фирмата се откажа и го раскина. „Тренд“ требаше да плаќа по 2.000 евра месечно, оти тоа беше највисоката понудена кирија на првото јавно наддавање. Зошто го поништија договорот, јавно не кажаа.

    Комплексот Македонско село има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови функционираат како хотел.

    Изградбата на селото, кое официјално беше пуштено во употреба на 22 јуни годинава, траеше пет години. За да им биде подостапно на скопјани и на туристите, ЈСП од минатата недела воведе автобуска линија која оди до селото.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира