ВЛАДИНАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА СЕ ПРАВИ ЗА ДА ОСТАНЕМЕ НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ

    ВЛАДИНАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА СЕ ПРАВИ ЗА ДА ОСТАНЕМЕ НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕПремиерот Ковачевски кажа дека разговарал со Алтернатива да остане во Владата и дека таму има место за сите, иако во предлогот за реконструкција министрите на Алтернатива се заменети со кандидати на Алијанса за Албанците. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Собранието го образложуваше предлогот за реконструкција на Владата и кажа дека не станува збор само за кадровски промени, туку се носи одлука дали земјата ќе остане на патот на прогресот и ќе продолжи на европскиот пат со ново парламентарно мнозинство.

    Тој рече и дека со владината реконструкцијата се зголемува парламентарното мнозинство, иако денеска 64 пратеници од мнозинството беа избројани во собраниската сала, колку што имаше и досега.

    „За мене, оваа реконструкција на Владата не е мотивирана од имиња и презимиња. Денешните одлуки не се мотивирани од тесно-партиски интереси на ниту една партија во Владата, сегашните или идните. За мене, овие одлуки не се врзани и не смеат да бидат поврзани со желбите, мотивите и барањата на било кое партиско раководство. Денес ние сите носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата.Дали ќе останеме на патот на прогресот, дали ќе останеме на патот на развојот, на стабилноста и извесноста, на економијата, на енергетиката, на животниот стандард и безбедноста на граѓаните. Или, како што сакаат дел од внатрешните и надворешните негативни фактори, да ја втурнеме државата во нова криза, нестабилност, непредвидливост и неред“, кажа Ковачевски.

    Премиерот кажа дека разговарал со Алтернатива да остане во Владата и дека таму има место за сите, иако во предлогот за реконструкција министрите на Алтернатива се заменети со кандидати на Алијанса за Албанците.

    „Разговаравме во изминатиот период и за останување на Алтернатива и за влез на Алијанса на Албанците во Владата. Алијанса за Албанците ја прифатија одговорноста за поддршка на Европскиот Фронт. Место има за сите, ако се сака и ако се прифатат надпартиските интереси. Место има и за Алтернатива, како што тие самите знаат. Место има за сите добронамерни и поддржувачи на Европската иднина на државата. Како што кажав и на почетокот, бројот и видот на позициите се второстепени! Прво и единствено важно, за што треба да сме заедно и што ќе постигнеме и сработиме се државните интереси“, рече Ковачевски, додавајќи дека жали што Алтернатива излезе од Владата.

    Според предложената реконструкција, за нов министер кој ќе раководи со Министерството за правда, предложен е Кренар Лога од Алијанса (место Никола Тупанчески од СДСМ). За министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, предложен е Фатмир Меџити од Алијанса (на местото на Беким Сали од Алтернатива). За министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, предложен е Азир Алиу од Алијанса (место Адмирим Алити од Алтернатива). Министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе биде Каја Шукова од СДСМ (на местото на Насер Нуредини од ДУИ).

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира