Ниската доверба на граѓаните во правосудството која се движи меѓу 3 и 4 проценти и упорно тоне на секоја анкета, доби потврда и од Државниот завод за ревизија (ДЗР), низ бројки односно конкретни факти. На толку стратегии, формирани тела, најави за прочистување на судството и обвинителството, СДСМ кој владее од 2017 година, има минорни резултати ако се следи извештајот на Државниот завод за ревизија, според кој, Реформата во правосудството (2017-2021) е реализирана со само 20% од планираните буџетски средства.
Од 6 милиони евра за реформи во судството, потрошени се само 1,2 милиони евра, или 20 отсто од планираните средства, вели извештајот на ДЗР.
Државниот завод за ревизија извршил ревизија на успешност на тема „Ефективност на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017 – 2022 и спроведување на Акцискиот план на Стратегијата”, согласно Годишната програма на ДЗР за 2022 година. Целта на извршената ревизија била да се даде одговор: Дали мерките и активностите дефинирани во Акцискиот план придонесуваат за остварување на целите од Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 година?
Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 е основ за продолжување на реформите во секторот Правда во насока на исполнување на дадените препораки во Извештаите за напредокот на земјата од Европската Комисија, поглавје 23 – Правосудство и фундаментално права на патот на евроинтегративниот процес.
Со ревизијата е констатирано дека од 130-те мерки содржани во Стратегијата и Акцискиот план, само 52% се целосно реализирани, 34% се делумно и 14% се нереализирани.
Во 2017, тогашниот премиер Зоран Заев формираше и застана на чело на амбициозно владино тело за спроведување на судските реформи од 2017 до 2022, во кое членуваа претседателите на сите најважни судови, на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, потоа тогашниот Омбудсман, Државниот обвинител и обвинителите на најважните обвинителства, министрите за правда низ годиниве… На први мај 2019, Заев даде оставка во телото, рече дека е доста и оти застанал на чело на тоа тело што требаше да ги истера реформите во судството, само додека му тргнела работата.
„Ваквата состојба се должи на несоодветно дефинирање на мерките за остварување на целите, отсуство на јасни и мерливи индикатори, нереални рокови, проценети извори на финансиски средства, недоволна координација на институции/надлежни тела носители на мерки и активности. Со изготвување и усвојување на Стратегијата со Акцискиот план за периодот 2017-2022 година, предвидени се фискални импликации од Буџетот на РСМ за периодот 2018-2021 година, како и планирани средства од ИПА и друга странска помош“, вели ДЗР, кој наишол на катастрофално слаби резултати во спроведување на планот и стратегијата, рекламирани на сите ѕвона.
Нискиот степен на реализација на планираните средства се должи на нереализирање на предвидените средства за мерката 2.2.8-2 – Изградба на нови просторни услови, што според ДЗР, претставува 40% од предвидените средства, како и на неискористеност во целост на средствата предвидени со мерката 4.1.3.5-1 – Јавно обвинителство на РМ за просторно уредување и одвоеност на ЈО од судовите, каде се планирани повеќе средства од потребните за 15 %.
„Во однос на следење и известување за спроведување на активностите за исполнување на целите од Стратегијата, ревизорите констатираа пропусти во функционирањето на надлежното тело Совет за следење на имплементација на Стратегијата, како и во нејзиното работење без утврдена Методологија за следење и евалуација на резултатите од спроведените мерки и активности, со цел оценување мерење на степенот на остварените и постигнатите цели“, наведува ДЗР.
По негативните оценки од министерката за правда Рената Дескоска-Треневска за тоа што било постигнато од судските реформи, на чело на Министерството за правда и на ова владино тело за судски реформи застана Бојан Маричиќ. Тој дури ветуваше и прочистување на судството и на обвинителството, а актуелниот министер Никола Тупанчески дојде на функцијата лани, кога веќе ова тело за реформи е замрено.
С. К. ДЕЛЕВСКА