ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ЗАЕДНО ГО ИЗГЛАСАА ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ

    ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ЗАЕДНО ГО ИЗГЛАСАА ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ„За“ гласаа 71 пратеник, немаше „против“, ниту „воздржани“. (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Со поддршка од опозицијата, Собранието денеска го усвои Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство со 71 глас „за“. Немаше „против“, ниту „воздржани“.

    Со овој закон, од 1.000 до 5.000 евра ќе се казнат министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за здравство, за правда, центрите за социјална работа, обвинителствата, општините, ако не постапат по точните надлежности што им ги дава законот.

    Од 100 до 500 евра е казната за раководители во центрите за социјална работа, до министри, обвинители и други раководни лица во државните органи, ако не постапат со жртвата на семејно насилство како што пишува во законот, или ако не обезбедат услови и политика како што е прецизно напишано како нивна одговорност.

    Законот предвидува министерствата за труд и социјална политика, здравство, внатрешни работи и правда да бидат носечката сила во спроведувањето на законот, но и Собранието, градоначалниците, општините, невладините организации и здруженија. Синдикатите ќе мора да прават истражувања за насилство врз жените на работните места, газдите на фирмите кои имаат повеќе од 10 вработени ќе мора да организираат обуки за родово базирано и семејно насилство.

    Судовите и обвинителствата ќе мора да водат посебна статистика за семејно и за насилство врз жените. Законот под терминот „жена“ ги подразбира и девојчињата под 18 години.

    Медиумите, наставниот кадар, Агенцијата за медиумски услуги, но и црквите и џамиите имаат обврска да промовираат политика против овој вид насилство и да не го одобруваат.

    Овој закон оди дотаму да ги казнува и верските заедници ако поддржуваат насилство врз жената.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира