ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СО ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА НЕ РАЗГОВАРАЛЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ, ТУКУ ЗА ЗАКОНИТЕ ЗА СУДОВИ И ЗА СУДСКИ СОВЕТ

    ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СО ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА НЕ РАЗГОВАРАЛЕ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ, ТУКУ ЗА ЗАКОНИТЕ ЗА СУДОВИ И ЗА СУДСКИ СОВЕТПратеникот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обидува да му ја земе картичката за гласање на спикерот Талат Џафери пред гласањето за Законот за употреба на јазиците на 14 март 2018 (Фото: СДК.МК)

    Претставници на Венецијанската комисија со пратениците од власта и од опозицијата разговарале за забелешките за законите за судови и за Судскиот совет.  За законот за употреба на јазиците, се договориле  да го разгледаат на наредната средба.

    „Постои разбирање за потребата од  донесување на законите за судови и за Судскиот совет. Оценуваме дека чекорите кои се направени се во правилна насока. Има работи кои треба да се прецизираат, но, важно е дека и власта и опозицијата очекуваат да се произнесе  Венецијанската комисија околу сложеноста  на  работата, за овие закони да бидат корисни и ефикасни во иднина“, изјави Филип Димитров, од Венецијанската комисија.

    Делегацијата на Венециската комисија ќе се сретне и со претставници на Уставниот суд, Врховниот суд, Здружението на судиите, Судскиот совет, Јавното обвинителство, како и со невладините организации.

    Собранието на 14 март го изгласа Законот за употреба на јазиците со 64 гласа „за“ без да ги разгледа илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша овој закон, а опозиционата ВМРО-ДПМНЕ јавно ги опомена претседателот на Собранието Талат Џафери и директорот на Службен весник Мартин Костовски да не ги објавуваат законите за употреба на јазиците и за договорот за името само со потпис на претседателот на Собранието, бидејќи ќе извршат кривично дело за кое одговорноста не застарува.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира