ВМРО-ДПМНЕ БАРА ПОПИС ВО 2021, А НЕ ВО 2020 КАКО ШТО САКА ЗАЕВ

    ВМРО-ДПМНЕ БАРА ПОПИС ВО 2021, А НЕ ВО 2020 КАКО ШТО САКА ЗАЕВВМРО-ДПМНЕ ќе бара во Законот за попис да се дефинира што е резидентно население. - Илија Димовски на денешната прес-конференција во Собранието (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ бара власта да не брза со пописот на населението и домаќинствата со непрецизиран закон идната година, за да не се случи лошиот пример кога оваа операција беше прекината во 2011 година, кога тие беа на власт.

    Истакнувајќи го тој пример и уште неколку претходни пописи со сомнителни резултати, како што рече на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, тој кажа принципиелни работи на кои партијата ќе инсистира да се вградат во Законот за попис, па после да се оди на попис.

    Основно, ВМРО-ДПМНЕ, рече Димовски, нема доверба во директорот на Државниот завод за статистика со сета негова стручност, сам да ја раководи операцијата и ќе бара тоа да биде под палка на колективно тело од академици и професори од областа, а кое би го изгласало Собранието.

    Ќе бара во законот да се дефинира што е резидентно население. Но, не по дефиниција на ВМРО-ДПМНЕ, туку по дефиниции на ЕУ и на Еуростат. Ќе бара пописот да се дефинира по кои релевантни документи ќе се обавува, дали ќе биде по пасош, лична карта, извод на раѓање ќе бара само тие граѓани да може да се попишуваат.

    „Во меѓупартиските преговори ќе бараме во законот да се стави кој за кого може да даде податоци. Да се дефинира до кое колено може некој да попише времено отсутен член од семејството. Никако не смее да се даде можност секој за секого да може да дава податоци и тоа да се смета за релевантен податок и резултат од попис“, изјави Димовски.

    Тој рече дека мора да има и некомпјутерско попишување, најмногу за постарата популација. Стар човек ќе се збуни, нема да може да види и да гарантира дека внесените податоци за него во компјутер, се точни, посочи пример Димовски.

    За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо граѓаните што електронски ќе се попишат, да не се запишуваат како резидентно население (население кое постојано си живее во РС Македонија). Но, да се каже во законот што се резидентни граѓани, а не тоа да е некој што живее подолго од една година во РС Македонија, а нема државјанство.

    ВМРО-ДПМНЕ забележува и што во Предлог-законот за попис ги нема базите на податоци од претходните пописи, за споредба.

    Премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција во Владата рече дека пописот не може да се одложи.

    „Дефинитивно ќе има попис идната година. Ако се одржеше попис во 2011 година можеби и ќе имаше основа пописот да се одложи за 2021 година, но не се одржа. Нема одложување на пописот“, рече Заев.

    Тој додаде дека во пописот ќе влезат домаќинства што живеат тука или се отселени од државата не подолго од една година, а отселените повеќе од една година ќе се попишуваат како дијаспора. Рече и дека во последните две години ги добиваат податоците од МВР и се знае во секој момент кој граѓанин колку е надвор од државата.

    Последниот попис се одржа во 2002 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира