Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на денешното судење за случајот „Талир“, каде што тој е претставник на обвинетата ВМРО-ДПМНЕ, побара да му прекине мандатот на судијата поротник Митко Сандев, бидејќи има наполнето 60 години. Истовремено, Арсовски тврди дека судијата поротник е член на партија и поради тоа треба да биде изземен.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Судскиот совет да констатира престанок на мандатот на судијата поротник и тој да биде заменет со нов судија поротник. Доколку Судскиот совет донесе таква одлука, судењето треба да почне отпочеток.
Судењето за „Талир“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за перење пари почна во јануари 2019 година и рочиштата постојано се одложуваат. Обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски и уште две физички и едно правно лице, партијата ВМРО-ДПМНЕ.
За овој судија поротник зборуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред два дена, кога кажа дека преку него се држат замрзнати ресурсите на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на локалните избори.
ВМРО-ДПМНЕ и во декември 2019 година му забележа на судечкиот судија Осман Шабани дека две судии поротнички му се пред пензија. Тогаш, Шабани кажа:
„Јас не знам колку години имаат членовите на поротата, тоа не е моја, туку е работа на Судскиот совет“.