ВМРО-ДПМНЕ БАРААТ ТИЕ ДА ПОСТАВАТ ОБВИНИТЕЛ ЗА ВИСОКА КОРУПЦИЈА И СУДЕЊАТА НА СЈО ДА ПОЧНАТ ОДНОВО СО ШТО БИ ЗАСТАРЕЛЕ

    ВМРО-ДПМНЕ БАРААТ ТИЕ ДА ПОСТАВАТ ОБВИНИТЕЛ ЗА ВИСОКА КОРУПЦИЈА И СУДЕЊАТА НА СЈО ДА ПОЧНАТ ОДНОВО СО ШТО БИ ЗАСТАРЕЛЕВМРО-ДПМНЕ бараат тој обвинител да може да биде и професор, истакнат правник, а не само од редот на јавните обвинители. - Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски (Фото: К. Попов)

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и официјално предложи амандмани со кои бара опозициската партија да предложи нов обвинител за организиран криминал и висока корупција, под кого ќе падне и Специјалното јавно обвинителство. Дополнително, бараат тој обвинител да може да биде и професор, истакнат правник, а не само од редот на јавните обвинители.

    Со тоа автоматски оваа партија кажа и дека не се согласува актуелната обвинителка за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска да продолжи на чело на идното обвинителство за организиран криминал и висока корупција, уште онолку колку што и преостанал мандатот на ова место. Така сега вели предлог- законот за јавно обвинителство и ВМРО-ДПМНЕ, рече на прес-конференција Антонијо Милошоски, и затоа е поднесен таков амандман.

    Втората неусогласеност со владејачкиот СДСМ, предводен во преговорите за иднината на СЈО од министерката за правда Рената Дескоска, е како ќе се постапи со помошниците-обвинители на специјалната обвинителка Катица Јанева, за што исто така се поднесени амандмани. Милошоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ поднела амандмани обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, каде што им мируваат местата.

    Ова значи обвинителите од СЈО да ги напуштат и обвиненијата и истрагите што ги водат и нив да ги преземат други обвинители од идното ОЈО за организиран криминал и висока корупција. Според ЗКП, штом доаѓа нов обвинител, сите актуелни судски процеси ќе почнат одново и ќе застарат.

    Тоа е спакувано и со амандмани со кои, како што рече Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ предлага сите актуелни обвиненија (судски процеси) и истраги да отидат кај државниот обвинител Љубомир Јовески, а потоа тој да ги распредели кај други обвинители во ОЈО за висока корупција кај што не би биле актуелните од СЈО, што секако би значело почнување на тие постапки одново, од нула. Сите би отишле во развлекување и остарување.

    Поради овие амандмани, кои се директно спротивни со ставовите на предлагачот на законот, застана со работа Комисијата за европски прашања, на која денеска поминаа десетина амандмани, од кои 4 на ВМРО-ДПМНЕ. Во наредните денови продолжуваат партиите со преговори за овие дијаметрално спротивни принципи и ставови.

    Пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчева по Милошоски, кажа дека лично не се согласува партии и политика да поставуваат и местат обвинители, да им одземаат и доделуваат обвиненија и истраги, кога за тоа постои трета власт, во случајов Совет на јавни обвинители кој врши избор, разместување и разрешување на обвинителите, што е став и на СДСМ.

    Ако бидат прифатени предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, од СЈО на ОЈО за организиран криминал ќе се припојат изгледа само 10 дактилографки од СЈО и компјутерите, бидејќи опозициската партија не дава ни обвинителите од СЈО да преминат таму, ни судењата, ни истрагите, а спори и за истражителите дали да прејдат таму или да се вратат во МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари