ВМРО-ДПМНЕ СО ЧОЧЕК НА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА, ЏАФЕРИ ГИ ОПОМЕНА ДА ГИ ИСКЛУЧАТ ТЕЛЕФОНИТЕ

    ВМРО-ДПМНЕ СО ЧОЧЕК НА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА, ЏАФЕРИ ГИ ОПОМЕНА ДА ГИ ИСКЛУЧАТ ТЕЛЕФОНИТЕКоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев побара од власта да престане со чочеци и коктели. (Фото: СДК.МК)

    Првото појавување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по бојкотот на работата на Собранието на седница за пратенички прашања почна со музика за чочек, пуштена од нивните телефони. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев рече: „Доста славите, доста 10 дена славите со чочеци во тунел и со коктели. Ќе одговарале министрите денес пред опозицијата, сè само правите да ги оттргнете граѓаните од реалните проблеми. Каде се високите плати на лекарите, ги зголемивте акцизите. И Могерини ви кажа дека треба само пола ден да славите и време е да почнете да работите“.

    Додека траеше музиката, претседателот на Собранието Талат Џафери ги опомена пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги исклучат мобилните.

    „Забавата вие ја почнавте тука со пуштање музика од телефон, Собранието не е место каде што се прават такви работи“, му одговори Џафери на Данев.

    Потоа, процедурално побара Илија Димовски, бившиот координатор на ВМРО-ДПМНЕ, но Џафери не му дозволи да земе збор, бидејќи веќе не е координатор и според Деловникот нема право на процедурално. По мала расправија, Џафери му дозволи на Димовски да зборува.

    „Собранието го направивте нотар на Владата и барам да ги објавите сите поставени, но неодговорени пратенички прашања. Изгледа се плашите да ги поставите овие прашања“, му рече Димовски на Џафери.

    На тоа, Џафери одговори: „Јас не познавам поим страв. Вие добро ме познавате, посебно ВМРО-ДПМНЕ, јас не познавам страв во моите надлежности, нема што да се плашам. И кажи ми според кој член од Деловникот имам право да побарам да се стават неодговорените прашања на веб“.

    Димовски потоа ѝ замери на Владата што половина од министрите не се во салата да ги слушнат пратениците.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира