Потпретседателот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за шпекулациите за можна аболиција од претседателот Ѓорге Иванов на осудените учесници во организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, вели помилување не е потребно, туку бара високите казни да се укинат.
„За овие драконски казни донесени врз основа на политички прогон, не треба да се изврши некое помилување, не да се намалат, туку целосно да се укинат, зашто се донесени на начин како што беа донесени“, рече Јанушев.
Според овој став што го изнесе Јанушев, тој бара укинување на затворските казни што ги изрече Основниот суд Скопје 1, не од Иванов, туку во редовна и законита судска постапка. Пресуди според Законот за кривична постапка и Уставот, укинува само повисок суд, во случајов Апелациониот суд Скопје 1, пред кој осудените 16.мина поднесуваат жалби против нивните првостепени пресуди.
Паралелно тие поднеле барање за помилување и од претседателот во заминување Ѓорге Иванов.
Владата денеска излезе со став дека Иванов не може да води постапка за помилување, бидејќи тоа е надлежност на Министерството за правда.
„Не постои во правниот систем на нашата држава таков инструмент. Втора пречка е фактот дека имаме претседателски избори и во овој период не постои начин како да се дадат помилувања. Факт е дека до овој момент во Министерството за правда исто така не се пристигнати помилувања на осудени лица од 27 април. Се што ќе се направи надвор од овие рамки, би било дефинитивно кршење и на законите и на Уставот. Не очекуваме дека Претседателот би се дрзнал тоа да го направи“, изјави портпаролот на владата Миле Бошњаковски.
На 15 март 2019 година, 16 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беа осудени на 211 години затвор. Највисоката казна ја доби ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој како златна команда во МВР, ги остави насилниците да влезат во Собранието, да претепаат пратеници, да им ги загрозат животите на сите новинари и собраниски полицајци кои беа на работа квечерината на 27 април, да го искршат ентериерот на законодавниот дом, со тоа што не испрати полиција и воопшто не реагираше првите два часа од нападот за да го спречи или да ги спаси пратениците и новинарите.
С. К. ДЕЛЕВСКА