ВМРО-ДПМНЕ ГО ПРИЗНА И ТАЛАТ ЏАФЕРИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, САМО ЗА ДА ГО БЛОКИРА СОБРАНИЕТО

    ВМРО-ДПМНЕ ГО ПРИЗНА И ТАЛАТ ЏАФЕРИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, САМО ЗА ДА ГО БЛОКИРА СОБРАНИЕТО„Документите за формирањето на парламентарните групи ВМРО-ДПМНЕ ги испрати до претседателот на Собрание, индиректно тоа значи дека го признаваат Талат Џафери за претседател“, вели спикерот Џафери (Фото: СДК.МК)

    Со писмото што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го испратиле до претседателот на Собранието Талат Џафери за да го информираат дека формираат 10 пратенички групи, тие де-факто го признаа легитимитетот на неговиот избор за претседател.

    „Иако во дискусиите декларативно не кажуваат дека ме признале, де-факто така е тоа. Документите за формирањето на парламентарните групи ВМРО-ДПМНЕ ги испрати до претседателот на Собрание, индиректно тоа значи дека го признаваат Талат Џафери за претседател“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот на Парламентот Талат Џафери.

    Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ инсистира дека не го признава за легитимен изборот на Џафери за спикер на Собранието на 27 април, а нејзините пратеници од говорница му се обраќаат со „почитуван колега“ место со „почитуван претседателе“.

    Со формирањето на 10 пратенички групи од пратеници на опозициската коалиција „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од денес опозицијата добива законска можност да ја одолговлекува и да ја блокира работата на Собранието, што ја овозможува собранискиот Деловник.

    Останува и пријавената бројка од 35 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за дискусија за разрешувањето на државниот јавен обвинителот Марко Зврлевски што е на дневен ред на тековната собраниска седница, така што сосе десетте пратенички групи останува блокадата на разрешувањето обвинителот.

    Формирањето на повеќе пратенички групи од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, е  дозволено со собранискиот Деловник, но е дискутабилно е од правен аспект. Пратениците со кои разговаравме, велат дека претседателот Џафери  не учествувал во правната дебата во Собранието, за да не ги зголеми тензиите и дека ова го сметал како еден преоден период кон негово смирување со опозицијата.

    Од Собранието велат дека со оваа одлука ВМРО-ДПМНЕ ќе ги сноси последиците од таквата постапка и дека сè зависи за која цел се формирани групите, дали за да се унапреди или да се блокира собраниската дебата.

    ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеник, а од конституирањето на Собранието немаше формирано пратеничка група. До денес делуваа како независни пратеници.

    Но, и покрај формирањето пратеничка група, 20-на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и лидерот Никоал Груевски, се уште не доставиле податоци за сајтот на Собранието.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира