ЦК НА ВМРО-ДПМНЕ ГО РАЗРЕШИ ЈАНЧЕВ ОД ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРТИЈАТА БИДЕЈЌИ ПОВИКА НА РЕФЕРЕНДУМОТ ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ И ГЛАСА ПРОТИВ

    ЦК НА ВМРО-ДПМНЕ ГО РАЗРЕШИ ЈАНЧЕВ ОД ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРТИЈАТА БИДЕЈЌИ ПОВИКА НА РЕФЕРЕНДУМОТ ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ И ГЛАСА ПРОТИВГрадоначалникот на Кавадарци и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев (десно) на 2 август се сретна со заменик-помошникот државен секретар во Стејт Департментот на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер, кој пред референдумот беше дојден во Македонија да ја искаже поддршката на САД за Договорот од Преспа (Фото: Фејсбук)

    Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Костадин Богданов, член на Извршниот комитет на партијата, вечерва се  разрешени од функциите. Обајцата се разрешени на состанокот на Централниот комитет на партијата,  два дена откако раководството одлучи да исклучи од членство седум пратеници кои гласаа „за“ и дадоа подршка за почеток на уставните измени.

    Исклучен од партијата е Петар Богојевски од Крушево, кој претходно беше разрешен од заменик-генерален секретар.

    Неофицијално, извори од партијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека Јанчев и Богданов се разрешени од функциите, бидејќи јавно дадоа поддршка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО со повикот да се излезе на референдумот и да се гласа против Договорот од Преспа.

    Предлогот за разрешување на Јанчев и Богданов и исклучувањето на Богојевски го дал ексминистерот за финансии Трајко Славески.

    „Таму остана секта која се храни од мала екстремна десница и средината не е здрава за да останете во таа секта, секако. Измислија крила, борби на крила, а целта на Мицкоски беше да го разреши проевропското крило всушност”, велат извори од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    Така, сега на исклучените од партија пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Елизабета Канческа-Милевска и Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска-Старова и Емилија Александрова им се приклучи и Богојевски.

    „Едноставно, имаме спротиставени визии со претседателот за патот по кој треба да се движи партијата и развива државата. Разликите особено дојдоа до израз во последните неколку месеци, кога се актуелизира Договорот од Преспа. Според мене, тоа беше, но и сеуште е, моментот во кој партијата требаше јасно и конкретно да ја покаже својата евроатлантска заложба. Јас длабоко верувам дека Македонија ќе биде просперитетна држава, членка на НАТО и ЕУ преку Договорот од Преспа. Истовремено, се залагам и ќе се залагам за модерна народна партија во која неистомилениците нема да се исклучуваат од партијата“, ни изјави Богданов.

    Тој и Јанчев не ни отишле на вечерашната, седница. Одамна на седниците на Извршниот комитет, кај што е член по функција, не оди ни Даниела Рангелова, која гласаше против референдумот и неа и семејството веднаш партијата на Мицкоски им залепи етикета „предавници“.

    „Не се знае што ќе се случи со Даниела“, велат партиски извори.

    Г.ТРПЕНОСКИ – С. К. ДЕЛЕВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира