ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе во Собранието интерпелација за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски поради, како што велат од партијата, неговата неспособност да се справи со пожарите кои што периодов ја зафатија Македонија.
Координаторот на третата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски во образложението на интерпелацијата кажа дека Македонија подолг период е зафатена со пожари, дури има и една човечка жртва, а министерот за земјоделие и државните институции не се способни да се справат со елементарната непогода.
„Ќе поднесе интерпелација бидејќи владата не си ја извршува својата работа како што треба, цела Македонија гори“, рече Илиоски на прес-конференцијата во Собранието.
Според Деловникот, министерот има право да достави писмен одговор на поставената интерпелација до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата, а интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците.
Г. ТРПЕНОСКИ