ВМРО-ДПМНЕ утринава имаше координативен состанок на партискиот врв и донесе одлука пратеничката група да не се врати во Собранието, објави државната агенција МИА. За 13 часот е закажана прес-конференција на која што претседателот на партијата Христијан Мицкоски ќе ја образложи одлуката.
Опозициските пратеници го бојкотираат Собранието, откако им беше симнат имунитетот на шестмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, осомничени за учество во организираниот напад во Собранието на 27 април, а кои подоцна од судот добија притвор и куќен притвор.
Собранието денеска, на првиот работен ден по празниците, треба да ги одржи продолженијата на шест пленарни седници, на кои што, меѓу другото, на дневен ред се Законот за употреба на јазиците и именувањето на Осман Кадриу и Дарко Костадиновски за судии во Уставниот суд.
Денеска во Собранието треба да се гласа и за измените на Законот за заштита на сведоци, побарани од СЈО, како и за законот со кој се укинува Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, по скратена постапка.