ВМРО-ДПМНЕ НЕМА ДА МУ ДАДЕ ЛЕГИТИМИТЕТ НА ПРОЦЕСОТ ЗА МЕНУВАЊЕ НА УСТАВОТ, КАЖА МИЦКОСКИ ПРЕД СОБРАНИЕТО

    ВМРО-ДПМНЕ НЕМА ДА МУ ДАДЕ ЛЕГИТИМИТЕТ НА ПРОЦЕСОТ ЗА МЕНУВАЊЕ НА УСТАВОТ, КАЖА МИЦКОСКИ ПРЕД СОБРАНИЕТОМицкоски заедно со најблиските соработници се приклучи на протестот пред Собранието, организиран од „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“. (Фото: К. Попов)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека пратениците од неговата партија нема да учествуваат на финалната расправа во Собранието за уставните измени. Зборувајќи пред Собранието, тој рече дека нема да учествуваат во дебатата за да не му дадат легитимитет на целиот процес на менување на Уставот.

    „Нема да учествуваме во дебатата и нема да му дадеме легитимитет на целиот процес, бидејќи уставните измени се штетни и го менуваат идентитетот, посебно институционалниот идентитет. Сите знаат дека до промените не е дојдено по демократски пат, туку со уцена на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со злоупотреба на судството. Името не го менуваат граѓаните, туку 80 пратеници. Ова е финален акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од Заев и мнозинството“, рече Мицкоски на прес-конференција пред Собранието.

    По изјавата, Мицкоски заедно со најблиските соработници се приклучи на протестот пред Собранието, организиран од „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“, но иако беше повикан од организаторите да зборува на бината, тој одби да говори.

    Седницата за уставните измени треба да продолжи во 16 часот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира