Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски најави дека неговата партија нема да учествува на прегласување ако таква одлука донесат Државната изборната комисија и Управниот суд и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување, обраќајќи се пред собраните приврзаници пред седиштето на ДИК. Груевски го прочита прогласот на Извршниот комитет, кој заседавал непосредно пред неговиот говор пред ДИК.
„ДИК донесе незаконски одлуки со цел изигрување на изборната волја на народот. Работата на ДИК се претвори во пародија. Доколку и Управниот суд подлегне на влијанието од страна и ги потврди незаконските одлуки на ДИК и со тоа се одземе победата на ВМРО-ДПМНЕ и се фалисификува слободно изразената волја на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување. Аболицираниот криминалец Зоран Заев нема да дозволиме да формира влада со фалсификувана волја на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи функционирање на институции со фалсификување на волјата на граѓаните“, рече Груевски.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други партии во кои учествуваат амбасадори и странски посредници или претставници на други држави. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави и дека партијата ќе се бори за, како што кажа, „десоросоизација“ на Македонија и јакнење на граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола.
„Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и невладините организации по примерот на напредните демократии во светот“, додаде Груевски.
Според првичните, но не и конечни резултати соопштени од ДИК, на изборите во неделата ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, а СДСМ 49. ДИК вчера прифати еден приговор на Беса за гласачко место во Гостивар и го поништи гласањето. Денеска во ДИК се расправа за последниот приговор на СДСМ.