Само што почна седницата, ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да ја прекине седницата на чиј што дневен ред е разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски и да го закаже продолжувањето на 16 октомври, по завршување на локалните избори.
Илија Димовски, еден од координаторите на 10-те пратенички групи, кажа дека по распишување на изборите, не може да има избори, именувања и разрешувања. Џафери вчера ги распиша локалните избори, кои се закажани за 15 октомври.
„Не само гласањето, туку и дебатата треба да се стави во мирување во овој момент и оваа седница да продолжи на 16 октомври“, изјави Димовски.
Спикерот Талат Џафери им одговори дека тоа се однесува на функционери во надлежност на Владата, а не на Собранието и даде пауза на барање на Антонијо Милошоски, друг координатор на ВМРО-ДПМНЕ.