ВМРО-ДПМНЕ ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА ГЛАСАЊЕ ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА ВО СОБРАНИЕТО, ЗА НОВА ВЛАДА ИЛИ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЌЕ РАЗГОВАРААТ ПО ЧЕТВРТОК

    ВМРО-ДПМНЕ ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА ГЛАСАЊЕ ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА ВО СОБРАНИЕТО, ЗА НОВА ВЛАДА ИЛИ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ЌЕ РАЗГОВАРААТ ПО ЧЕТВРТОКПотпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вели дека пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива ќе гласа за рушење на владата на ДУИ и СДСМ. (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива во Собранието за гласање доверба на владата предводена од премиерот Зоран Заев, откако тој не поднесе оставка денеска до 14.30 часот, рокот што му го определи опозицијата. На прес-конференција во Собранието, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски кажа дека на иницијативата се потпишани 61 пратеник, колку што се потребни за да се изгласа недоверба, и дека очекува пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи да гласа за рушење владата на СДСМ и ДУИ.

    „Локалните избори беа референдумско изјаснување на граѓаните за работата на владата. Време е за промени. Ние потпишаните пратеници бараме да се гласа за доверба на владата. Потпишани се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Доставени се 61 потпис. Очекуваме претседателот на Собранието во најбрз можен рок да свика седница на која ќе се гласа за доверба на владата“, изјави Николоски.

    За денешната изјава на Реџепи дека не сака неговиот потпис да биде на список со потписите на Левица, Николоски рече дека е јасна и не треба да се вади од контекст.

    „Високо ја цениме работата на пратеникот Скендер Реџепи мислам дека неговата изјава беше јасна и не треба да се вади од контекст. Господинот Реџепи ќе гласа за рушење на владата на ДУИ и СДСМ“, рече Николоски.

    За нова влада или брзи предвремени избори Николоски рече дека тоа е нешто за што ќе разговараат по четврток, кога истекува рокот во Собранието за гласање доверба на владата.

    Ако биде изгласана недоверба на владата, уставниот рок за доделување мандат за составување нова влада е 10 дена.

    Заев најави дека ќе поднесе оставка како премиер и лидер на СДСМ вечерта по вториот круг од локалните избори на 31 октомври. На 5 ноември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека има ново мнозинство во Собранието, составено од неговата партија, Беса, Алијанса, Алтернатива и Левица.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира