ВНИМАВАЈТЕ КОЈ ЌЕ ВЕ ВОЗИ НА ЕКСКУРЗИЈА, УКАЖУВАЊЕ ДО ШКОЛИТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ПО НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ

    ВНИМАВАЈТЕ КОЈ ЌЕ ВЕ ВОЗИ НА ЕКСКУРЗИЈА, УКАЖУВАЊЕ ДО ШКОЛИТЕ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ПО НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИОд Министерството за образование и наука велат дека во дописот што го испратиле до училиштата особен акцент ставиле на тоа да се почитуваат и доследно да се применуваат одредбите од правилниците за организирање на ученичките екскурзии (Фото: Влада на РСМ)

    Министерството за образование и наука соопшти дека им укажало на сите основни и средни училишта да бидат особено внимателни при изборот на туристичките оператори, кои ќе ги ангажираат за реализација на училишните екскурзии.

    „Имајќи предвид дека училишните екскурзии се составен дел од воспитно образовниот процес на учениците и помагаат за остварување на одредени цели од наставните програми, доставивме укажување до сите основни и средни училишта да бидат особено внимателни при изборот на правните субјекти, односно туристички оператори кои ќе бидат ангажирани за реализација на екскурзиите, со оглед на последните случувања, односно сообраќајната несреќа со фатални последици по животот и последици по здравјето на повеќе наши сограѓани“, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.

    Ова соопштение дојде откако Министерството на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали ќе стави мораториум на екскурзиите во основните и средните училишта откако истрагата на Основното јавно обвинителство Скопје утврди дека до автобуската несреќа кај Ласкарци, во која починаа 15 лица дошло поради криминални практики на превозникот.

    Од Министерството исто така не одговорија ниту дали ќе побараат од Министерството за внатрешни работи да направи вонреден технички преглед на возилата во кои се превезуваат учениците, не само на екскурзии, туку и во редовен превоз до училиштата.

    Од МОН велат дека во дописот што го испратиле до училиштата особен акцент ставиле на тоа да се  почитуваат и доследно да се применуваат одредбите од правилниците за организирање на ученичките екскурзии. Во правилниците, според МОН, јасно и прецизно се уредени условите и критериумите кои правните субјекти треба да ги исполнат и тоа да го докажат со достава на соодветна документација при пријавување на јавен повик.

    „Посебно внимание треба да се посвети на исполнетоста на условите за превоз на групи деца согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за посебни технички барања на возилата со кои се превезуваат групи деца. Во интерес на учениците и подигање на степенот на нивната безбедност и заштита, училиштата можат да ги контактираат сите надлежни институции и органи ако се појави потреба за какви било дополнителни консултации и сугестии“, велат од Министерството за образование и наука.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира