Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје се одложуваат операции кои не се итни, односно операции за хронични болести кои може да чекаат. Од болницата велат дека во последно време имаат наплив на пациенти, оти се реновира Клиниката за абдоменална хирургија.
Директорот на „8 Септември“ д-р Христијан Костов вели дека интензивната нега во болницата е преполна и оти поради тоа одложуваат операции кои може да чекаат.
„Но тоа одложување не е со месеци, туку за неколку недели, бидејќи и тие не може да чекаат во недоглед, без разлика што болеста е хронична. Бројот на пациенти ни е зголемен за околу 20 отсто. Интензивната нега на хирургија е преполна. Таа е со капацитет за шест пациенти, а во моментов има десет. Оваа состојба трае веќе одреден период, оти имаме пациенти кои доаѓаат од Клиниката за абдоменална хирургија која во моментов се реновира“, вели д-р Костов.
Тој додава дека од Клиниката за дигестивна хирургија добиле писмо со кое колегите ги известуваат дека поради реновирање не може да ги примат сите пациенти и дека е можно дел од нив да се обратат и во „8 Септември“.
„Најчесто одложуваме хронични операции на колкови, односно од ортопедија и другите гранки кои може да почекаат одреден период. Итните и ургентните случаи, како што се скршеници и трауми, веднаш ги третираме, бидејќи не може да чекаат. Мора вака, бидејќи и постоперативната нега е важна, односно во лекувањето не е битно само што побрзо да се направи операцијата, туку и потоа да може на пациентите да им пружиме соодветна нега“, вели д-р Костов.
Од Клиниката за дигестивна хирургија велат дека работат со преполовен капацитет, бидејќи се реновира болничкиот дел за лежечките пациенти. Капацитетот на оваа клиника е 68 пациенти, а во моментов се примаат 34. Од Клиниката велат дека комплетно ги реновираат собите, ходниците и тоалетите, менуваат прозори, а обезбедени се и нови кревети.
„Обезбедивме средства од спонзори и во наредните два месеци ќе се реновира комплетно болничкиот дел. За ова ги известивме со циркуларно писмо сите, и Министерството за здравство и Фондот за здравство и останатите здравствени установи. Итните пациенти, пациентите со карциноми и крварења ги згрижуваме. Ги известивме дека пациентите на кои им треба операција за слепо црево, кила, чирови нема да може да ги примаме и да очекуваат дека овие пациенти ќе се обратат во другите болници во Скопје“, велат од Клиниката за дигестивна хирургија.
Е. БОЧВАРОСКА