ВО АПРИЛ ПОЧНУВА ОБУКАТА НА ТРЕНЕРИ ЗА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ, РЕЧЕ ЦАРОВСКА

    ВО АПРИЛ ПОЧНУВА ОБУКАТА НА ТРЕНЕРИ ЗА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ, РЕЧЕ ЦАРОВСКАРодителите на учениците со попреченост треба да се пријават во своите училишта за потребата од образовен асистент, вели Царовцска. (Фото: МОН)

    Во април ќе почне тренингот за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, вели Министерството за образование и наука (МОН). Министерката за образование Мила Царовска лани во декември најави дека учениците со попреченост од следната учебна година ќе добијат образовни асистенти од државата, а не како досега што беа покривани преку Општините.

    Оваа обука ќе се прави во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава, а понатаму ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.

    Царовска вели дека веќе се спроведуваат подготовките за обезбедување на услугата образовен асистент од следната учебна 2021/2022 година.

    „За првпат, системски се воведува услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување на инклузивно образование. Донесени се сите подзаконски акти кои се однесуваат на услугата, со што образовна асистенција ќе се испорачува согласно Законот за основно образование. Услугата ќе се финансира од Буџетот на РСМ, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари“, рече денес Царовска на зум-средбата во организација на Движењето на родители на деца и лица со телесна попреченост – НВО Пркос, во соработка со Националното здружение за социјална инклузија, рехабилитација и општествена интеграција на лицата со посебни потреби –Соѕвездие.

    Настанот беше организиран во чест на Денот за подигнување на свеста за церебралната парализа – 25 Март.

    Царовска рече дека сите родители на учениците од 2. до 9. одделение треба да се пријават во своите училишта, да ја искажат потребата и да достават мислење од Комисијата која работи по Меѓународната класификација на функционалности. За учениците кои за прв пат се запишуваат во прво одделение оваа обврска треба да ја исполнат до почетокот на месец јуни.

    „По утврдување на потребата, односно бројката на потребни образовни асистенти, во втората половина на месец јуни ќе се објави јавен повик за ангажирање на образовни асистенти“, рече Царовска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира