ВО АВГУСТ ПРИЈАВЕНИ 112 ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19, ЗА 5 ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ЈУЛИ, НЕДЕЛАВА ЌЕ РАСПРАВА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ВО АВГУСТ ПРИЈАВЕНИ 112 ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19, ЗА 5 ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ЈУЛИ, НЕДЕЛАВА ЌЕ РАСПРАВА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИОд заболените во август 2023, најголем број на заболени (34) се пријавени од Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Сто и дванаест заболени од ковид-19 се регистрирани во август во земјава, а во однос на јули, се регистрира зголемување на бројот на пријавени за 4,6 пати, вели директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети. Тестирани биле 512 материјали, што е зголемување на бројот на тестирани за 1,4% во однос на јули (505).

    „112 заболени се регистирани во август. Има зголемување, но не е споредливо со август 2022, кога имаше 12.300 регистрирани позитивни. Во текот на неделата Комисијата за заразни болести ќе има и формален состанок на кој ќе се дискутира за состојбата кај нас, во регионот и во светот во однос на ковид-19“, ни изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата.

    За состојбата со вакцини и дали ќе се нарачуваат нови, д-р Мехмедовиќ вели дека има 50.000 вакцини, за дополнителна количина ќе разговараат на состанокот.

    Од заболените во август 2023, најголем број на заболени (34) се пријавени од Скопје, а највисока инциденца (73,4/100.000) се регистрира во Кавадарци. Триесет и пет од заболените лица се реинфекции. Во текот на месецот пријавено е едно починато лице, додава Мемети.

    Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната групата над 60 години (44; 39,3%).

    Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31 август пријавени се вкупно 348.491 потврден случај на ковид-19 и 9.942 смртни случаи.

    Бројката на заболени од ковид-19 расте и во регионот. Во Србија изминатите две недели има зголемен број тестирања за коронавирусот на дневно ниво, а загрижува што околу 20 отсто од примероците се позитивни. Српските здравствени власти најавија дека неделава ќе се состане Работната група за следење на ситуацијата со ковид-19, а Институтот за онкологија и радиологија од петокот забрани посети во поради зголемен број на заболени.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира