ВО БРИСЕЛ ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ СО ПОГЛАВЈЕТО ЗА ПРАВОСУДСТВО И ФУНДАМЕНТАЛНИ ПРАВА

    ВО БРИСЕЛ ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ СО ПОГЛАВЈЕТО ЗА ПРАВОСУДСТВО И ФУНДАМЕНТАЛНИ ПРАВАТим од 40-тина експерти од Македонија го почна скринингот во Европската Комисија во Брисел. (Фото: Фејсбук)

    Генералниот директор за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кажа дека подготовките за преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија почнуваат со состанокот за Поглавјето 23 денеска, бидејќи реформите поврзани за правдата и владеењето на правото се условите поставени од Советот на ЕУ за ефикасно почнување на преговорите со ЕУ во јуни 2019, пренесе државната агенција МИА.

    Денеска и утре во Брисел македонскиот преговарачки тим ќе ги слуша експертите од Европската Комисија како го образложуваат целокупното законодавство и најдобри практики во областа на правдата и фундаменталните права. Во следната година ќе се одржат уште 32 вакви состаноци за секое поглавје од преговарачкиот процес, што вкупно ги има 33, или 160 илјади страници европски закони и правила што ќе мора да се преточат во домашното законодавство.

    Главниот преговарач во македонскиот тим Бујар Османи кажа дека нè очекува комплексен процес и дека ќе треба илјадници страници да бидат внесени во македонското законодавство.

    „Нам ни е јасно дека започнуваме комплексен процес, кој ќе се одвива во повеќе фази, во кој илјадници страници на т.н. ’Аки‘ треба да бидат транспонирани во македонското законодавство, но дозволете да ве уверам дека мотивацијата и ентузијазмот меѓу администрацијата, граѓанскиот сектор, претставниците на бизнисот, но и воопшто кај граѓаните, од напредокот во евроинтеграциите е на исклучително високо ниво. Ве уверувам дека ние сме подготвени да се справиме со овој предизвик“, изјави Османи на почетокот на Скрининг процесот во Брисел.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари