ВО БУДИМПЕШТА ПРОБАА ДА ИЗБЕГААТ И ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ, ОБВИНЕТИ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ

    ВО БУДИМПЕШТА ПРОБАА ДА ИЗБЕГААТ И ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ, ОБВИНЕТИ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕОсудениот Никола Груевски успеа да побегне, но Грујевски и Бошкоски не успеаа да стигнат во Унгарија, бидејќи на 18 октомври 2017 беа уапсени на аеродромот во Солун со лажни пасоши пред лет за Будимпешта; - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со унгарскиот премиер Виктор Орбан На средбата на самитот на Европската народна партија во Софија во мај 2018 (Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски)

    Во Будимпешта покрај осудениот пратеник и експремиер Никола Груевски кој таму побарал политички азил, се обидоа да побегнат и ексначалникот на Петтата управа Горан Грујевски и Никола Бошкоски од УБК, обвинети во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување.

    Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека Груевски е во унгарскиот главен град, откако попладнево МВР добило потврда од унгарското министерство дека Груевски таму побарал азил. Од МВР велат дека Никола Груевски не поминал легално на ниту еден граничен премин. На Груевски судот во јули 2017, на барање на СЈО му го одзеде пасошот како обвинет во „Титаник“. За јавноста останува енигма како Груевски без валиден пасош стигнал до Будимпешта.

    Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Груевски успеа да побегне, но Грујевски и Бошкоски не успеаа да стигнат во таму, бидејќи на 18 октомври 2017 беа уапсени на аеродромот во Солун со лажни пасоши пред лет за Будимпешта.

    Извори од полицијата, по апсењето на Грујевски и Бошкоски на солунскиот аеродром изјавија дека МВР има и сознанија и за две повеќекратно осудени лица, кои требало да бидат логистика на избеганите во Унгарија. Станува збор за Александар Василевски-Нинџа и Никола Митревски-Кољо, кои сега се меѓу 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април лани. Двајцата требало да ги пречекаат Грујевски и Бошкоски кога ќе слетаат во Будимпешта и на пат кон Унгарија тргнале преку Бугарија и Србија. Но, биле вратени од српската полиција на границата со Бугарија, поради што се вратиле назад. Не се знае зошто српските погранични власти не им дозволиле влез во земјата.

    Почесниот претседател на партијата Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ имаат многу блиски релации со партијата ФИДЕС на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Партијата на Орбан ФИДЕС е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во фамилијата Европски народни партии (ЕПП). Соработката ВМРО-ДПМНЕ со ФИДЕС ја зацврстило по бегалската криза во 2015. Тогаш Унгарија донираше и бодликава жица за затворање на границата со Грција за спречување на бранот на мигранти. Орбан беше гостин на митинзи на ВМРО-ДПМНЕ, а имаше и видеопорака до членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

    На 28 септември 2017, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски во Охрид имаше работна средба со Виктор Орбан, кој во Македонија дојде како лидер на ФИДЕС и се задржа три часа.

    Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои беа фатени на солунскиот аеродром со лажни бугарски идентитети под имињата Христо Атанасов и Неџми Хасан, се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Двајцата избегаа откако судот им одреди 30 дена притвор.

    Грујевски е главниот обвинет во „Тврдина“ и „Таргет“. Бошковски, пак, според обвинението, е извршителот на наредбите на тогашниот началник Грујевски. Во „Тврдина-Таргет“, предмет за масовното незаконско прислушување и брутално кршење на човековите слободи и права од УБК, покрај Грујевски и Бошкоски, обвинети се и ексдиректорот на Управата Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков и вработените во УБК Владимир Варелов, од кого избеганиот Горан Грујевски го позајми идентитетот за да избега од Македонија, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ.

    Овие два предмета СЈО ги спои во еден и покрај за прислушувањето, се однесуваат и на уништување и дробење на опремата со која со години се вршело нелегалното прислушување, без судски наредби и без никаква контрола од другите две власти.

    Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.

    Во Будимпешта беше и банката во која, според петнаесеттата бомба од прислушуваните разговори објавена од тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев на 1 април 2015, беше уплатена и провизија од неколку стотици илјади евра за тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, за набавка на опрема за прислушување од Израел во износ од 14 милиони евра. Според бомбата, разговорите за провизијата со претставникот на израелската страна, Хаим Хакејни ги има направено соработничката на Мијалков, Светлана Костова, која подоцна беше избрана за судија во Управниот суд.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира