ХОТЕЛИТЕ ВО СКОПЈЕ ОБЕЗБЕДИЈА БЕСПЛАТНО СМЕСТУВАЊЕ ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ И ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА

    ХОТЕЛИТЕ ВО СКОПЈЕ ОБЕЗБЕДИЈА БЕСПЛАТНО СМЕСТУВАЊЕ ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ И ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКАСпоред официјалните информации од Министерството за здравство во Клиниките и болниците во Скопје се лекуваат 155 лица. (Фото: К. Попов)

    Здружението на хотели од Скопје обезбедуваат бесплатно сместување за семејствата и роднините на повредените и починатите лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според официјалните информации од Министерството за здравство во Клиниките и болниците во Скопје се лекуваат 155 лица. Семејствата на повредените се наоѓаат пред болниците каде чекаат да добијат информации за состојбата на нивните деца.

    „Семејствата и блиските на настраданите и повредените лица можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Доколку им се потребни повеќе информации можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120”, објавија од Здружението на хотели во Скопје.

    Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека семејствата на повредените од несреќата во Кочани кои во моментов се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат услугите за сместување и исхрана на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Општина Карпош, студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, ученичкиот дом во рамки на државното училиште за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ исто така во Гази Баба, студентскиот дом „Пелагонија“ и на ученичкиот дом во рамки на државното училиште за образование и рехабилитација „Димитар Влахов“, двата во Кисела Вода.

    Министерот за култура Зоран Љутков изјави дека сите институции од областа на културата во Скопје ги отворија вратите и се ставени на располагање за поддршка на семејствата и на сите оние на кои тоа им е потребно.

    Министерството за здравство објави телефонски броеви на кои семејствата може да добијат информации за состојбата на хоспитализираните лица.

    Ова се телефонските броеви:

    Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“ – 071226764

    Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје- 070387115

    Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 075203026

    Во трагедијата која рано утринава во 2 часот се случи во Кочани при пожар во дискотеката „Пулс“ на концерт на групата „ДНК“, според досегашните официјални информации загинаа 59 лица на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип. Меѓу загинатите има и полицаец од Пробиштип кој вечерта бил на должност во дискотеката. Од 59-те починати идентификувани се 35 лица, од кои 31 лице е од Кочани, а 4 од Штип.

    Повредените кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Србија. Авион на бугарското воено воздухопловство веќе слета на Скопскиот аеродром да преземе дел од пациентите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира