ВО КОСОВО УАПСЕН ОСОМНИЧЕНИОТ ЗА УБИСТВОТО ВО СКОПСКАТА ЧАРШИЈА НА НОВОГОДИШНАТА НОЌ

    ВО КОСОВО УАПСЕН ОСОМНИЧЕНИОТ ЗА УБИСТВОТО ВО СКОПСКАТА ЧАРШИЈА НА НОВОГОДИШНАТА НОЌЈавниот обвинител веќе достави предлог за определување мерка притвор во отсуство, што е неопходен чекор за итно иницирање на постапката за негова екстрадиција во земјава. (архивска фотографија)

    Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен турски државјанин со престојувалиште во Тетово, кој се сомничи за убиство и убиство во обид по инцидентот што се случи за време на новогодишната ноќ во Старата скопска чаршија.

    Убиството се случило по вербална расправија во локален кафе-бар помеѓу осомничениот и двајца негови сонародници на возраст од 22 и 23 години, по што конфликтот ескалирал во физички напад со нож.

    Според истрагата, оштетените првично го напуштиле барот и се упатиле кон плоштадот за да најдат такси превоз, но бидејќи не успеале, биле принудени да се вратат назад низ Чаршијата. При повторната средба со 25-годишникот, напаѓачот извадил нож и му нанел четири убоди во пределот на градниот кош и срцето на Ахмет Мерт Доган, кој починал на самото место, додека на вториот оштетен му нанел убодна рана во грбот пред да избега.

    Истражните органи успеале брзо да го идентификуваат сторителот преку прегледување на снимките од видеонадзорот во околината и преку разговори со сведоци на настанот. Оперативните сознанија на полицијата и обвинителството довеле до информација дека осомничениот пребегнал во Косово, каде по координација со тамошните органи е лишен од слобода.

    Јавниот обвинител веќе достави предлог за определување мерка притвор во отсуство до Основниот кривичен суд Скопје, што е неопходен чекор за итно иницирање на постапката за негова екстрадиција во земјава. Паралелно со потрагата, обвинителството нареди обдукција на телото на починатиот и спроведе вештачење на сите траги подигнати од местото на убиството за обезбедување на потребните докази за судскиот процес.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира