ВО КУМАНОВО НЕ ЈА ЦЕНЗУРИРАВМЕ „А БРЕ, МАКЕДОНЧЕ“, ЈА ИЗВЕДОВМЕ СПОРЕД ПАРТИТУРИ ОД 1970-ТЕ ГОДИНИ, ВЕЛИ НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРА

    ВО КУМАНОВО НЕ ЈА ЦЕНЗУРИРАВМЕ „А БРЕ, МАКЕДОНЧЕ“,  ЈА ИЗВЕДОВМЕ СПОРЕД ПАРТИТУРИ ОД 1970-ТЕ ГОДИНИ, ВЕЛИ НАЦИОНАЛНАТА ОПЕРАХорот на НОБ настапи на централната прослава во Куманово според партитура од Националната опера и балет и Сојузот на композитори. (Фото: Влада/НОБ)

    Не постои цензура ниту каква било произволна измена на текстот на песната „ А бре, Македонче“ на вчерашната изведба на прославата на 11 Октомври во Куманово, вели директорот на Националната опера и балет (НОБ) Васо Ристов. Вчера, пред Спомен-костурницата на паднатите борци од Народно-ослободителната борба (НОБ) во Куманово, се одржа централната прославата на 11 Октомври – Денот на народното востание, на која настапи Хорот на НОБ. При изведбата на македонската народна песна, химна на партизанското движење, наместо познатиот стих „нека разберат клетите фашисти македонско име нема да загине“, хористите испеаја „нека разберат душманите клети македонско име нема да загине“.

    „Остро демантираме дека постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна, со политичка позадина. На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизација на аранжманот според нашите сознанија е правен во доцните 1970-ти односно рани 1980-ти“, велат од НОБ.

    На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизација на аранжманот според нашите сознанија е правен во доцните 1970-ти односно рани 1980-ти, велат од НОБ од каде ја приложија и партитурата. (Фото: НОБ)

    Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски вчера во обраќањето пред Спомен-костурницата во Куманово кажа дека песната е со стихот „Нека разберат клетите фашисти, македонско име нема да загине“.

    „Така ја учевме ние оваа песна, а нашите предци на кои денеска им се поклонуваме рамо до рамо со светската антифашистичка коалиција се бореа против нив и се изборија за она денеска што го имаме, држава, идентитет, јазик, сопствена култура, живот, соживот, Македонија“, кажа Димитриевски.

    „А бре, Македонче“ е македонска народна песна, од патриотски, борбен карактер, химна на партизанското движење во Македонија, која потекнува од периодот на НОБ за време на Втората светска војна. Песната е многу популарна и денес се смета за народна песна, иако е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка. Таа е напишана во Прилепско, два месеца пред македонската химна „Денес над Македонија“. Песната е создадена во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941, кога ја имала својата прва изведба во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир во Македонија под германска, бугарска и италијанска фашистичка окупација.

    Хроничарите на НОБ, Коце Солунски и Љубен Георгиески – Љупта, во своите дела и сведоштва за формирањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и неговото дејствување, зборуваат и за создавањето на оваа песна. На 23 октомври 1941 година, при формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројца борци добиле задача да создадат песна, што ќе биде химна на одредот и со која требало да се изидигнува борбениот морал на борците, а воедно, да се поттикнува населението за вклучување во партизанското движење.

    „Задачата им била доверена на Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка. Овие борци не биле случајно избрани. Крсте Црвенковски како политички комесар на одредот имал задача да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во борбата, Коле Чашуле со својата писателска дарба дал придонес во составувањето на текстот, а Ордан Михајлоски – Оцка кој бил талентиран и образуван виолинист учествувал во создавањето на музиката за песната“, стои на Википедија за историјата на оваа песна. 

    Во Куманово вчера беше изведена целата песна „Во борба, во борба“, за разлика од прославата на Илинден во Крушево, кога Хорот на НОБ не ја изведе целосната верзија на оваа песна. Тогаш беше исфрлена втората строфа после првиот рефрен која гласи: „Излеговме ние смели партизани / над нас на Гоце знамето се вее /во гори, полја и на сите страни /фашистичка крв насекаде се лее“. Од НОБ тогаш кажаа дека веќе 15 години скратената верзија на оваа песна на јавни настапи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира