ВО МАКЕДОНИЈА ИМА 1 ЛЕКАР НА 6.262 ДЕЦА НА ВОЗРАСТ ОД 7-19 ГОДИНИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ВО МАКЕДОНИЈА ИМА 1 ЛЕКАР НА 6.262 ДЕЦА НА ВОЗРАСТ ОД 7-19 ГОДИНИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕВо 2023 е регистрирано зголемување на бројката на заболувања кај училишните деца во споредба со 2022. (Фото: К. Попов)

    Во Македонија има 1 лекар на 6.262 деца од 7-19 години просечно, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во чест на 12 август, Светскиот ден на младите. Според ИЈЗ, дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина се остварува во 36 места пунктови при што сите се во град. Во оваа дејност работат 43 лекари и 71 здравствени работници со виша и средна стручна подготовка.

    „Притоа, не е постигнат задоволителен стандард на обезбеденост со лекари на оваа групација од населението и тоа 1 лекар на 1 лекар на 6.262 деца од 7-19 години просечно во Републиката. Не задоволува и соодносот на лекарите и здравствените работници со виша и средна стручна подготовка кој изнесува 1:2“, вели ИЈЗ.

    Во 2023 се регистрира зголемување за 11. 4 индекси поени на вкупниот обем на превентивни здравствени услуги и активности во споредба со 2022. Зголемен е бројот на посети во ординација кај лекар за 13,5 индексни поени во 2023 во однос на 2022. Намален е бројот на посети кај здравствени работници со средна и виша стручна подготовка во 2023 во однос на 2022. Намален е бројот на посети кај психолог и логопед за 82.2 индексни поени во 2023 во однос на 2022.

    Во дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина во 2022 регистрирани се вкупно 562.781 заболувања што е за 5.2% повеќе во однос на претходната година (535.009-2021).

    „Во структурата на поедините групи на болести, респираторните се повторно на првото ранг место со учество од 40% во вкупниот број и стапка на морбидитет од 5902,1%оо. На второ место се одредени инфективни и паразитарни болести со учество од 6,6% и стапка од 973.3%оо; на третото место се болести на кожа и поткожно ткиво со 5.1% учество и стапка од 755.9%оо; на четвртото место се болести на дигестивниот систем со учество од 4% и стапка од 595.2%оо; на петтото место се болести на око и аднекси со учество од 2,5% и стапка од 374%оо“, вели ИЈЗ.

    Во 2022 година регистрирани се вкупно 99 умрени лица на возраст од 5-24 години и стапка од 20.3%оо. Дистрибуцијата по возраст покажува дека младите луѓе од 15-24-годишна возраст се најзастапени во вкупниот морталитет на оваа популација и тоа со 77,8% учество и стапка од 29,6%оо. Дистрибуцијата по пол покажува дека машките деца се повеќе застапени во морталитетот во однос на женските.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира