ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАЌААТ ЦРНИТЕ ТРАДИЦИИ НА ПАЛЕЊЕ, СТРЕЛАЊЕ И НАСИЛСТВО ВРЗ ЛУЃЕТО, КАЖА БУГАРСКИОТ МИНИСТЕР МИЛКОВ, СТОЕЈЌИ ПОКРАЈ БУЈАР ОСМАНИ ВО СОФИЈА

    ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ВРАЌААТ ЦРНИТЕ ТРАДИЦИИ НА ПАЛЕЊЕ, СТРЕЛАЊЕ И НАСИЛСТВО ВРЗ ЛУЃЕТО, КАЖА БУГАРСКИОТ МИНИСТЕР МИЛКОВ, СТОЕЈЌИ ПОКРАЈ БУЈАР ОСМАНИ ВО СОФИЈАМинистрите Османи и Милков по посетата на повредениот секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во болница во Софија. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи со неговиот бугарски колега Николај Милков денеска во болница во Софија го посетија секретарот на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид, кој беше нападнат и повреден na 19 јануари, а потоа со бугарски владин авион пренесен на лекување во Софија.

    По посетата, Милков кажа дека во Македонија се враќаат црни традиции на палење, стрелање и насилство, по што, според него, е историски позната Македонија. Тој рече и дека во Македонија има атмосфера на неказнивост на насилство.

    „Момчето настрада заради своите идеи. Еден маж со кауза која што ја застапува. Ситуацијата не треба да продолжи на овој начин. Треба да се стави крај на атмосферата на неказнивост која што раѓа и ново насилство. Тука сум да кажам ‘не’ на враќањето на тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе. За такво нешто нема место во Европа“, изјави Милков, додека Османи стоеше до него.

    Османи не рече ништо за ваквите обвинувања од бугарскиот колега и кажа дека во Македонија ќе има нула толеранција за насилство и зборуваше за позитивна агенда на двете влади.

    „Северна Македонија ќе се погрижи да има нула толеранција на насилство како одговор на каков било проблем, најмалку на меѓуетничкиот соживот. Мора ние да го прекинеме овој циклус на провокации и насилство од двете страни и да ја наметнеме нашата позитивна агенда што двете влади се трудат макотрпно да ја изградат“, кажа Османи.

    Османи додаде дека се идентификувани се сторителите на нападот, а еден веќе е во 30-дневен притвор, додека по другите се трага.

    „Никој не смее да биде нападнат за тоа што се чувствува како што се чувствува“, вели Османи.

    Прашан од бугарските медиуми за „примитивизмот на македонските медиуми“ кои го нарекувале „Бугар Османи“, македонскиот министер рече дека Македонија е демократија и не може да зборува за медиумите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира