ВО ПРАВОТО СНЕГОТ НЕ ГИ ПОКРИВА ТРАГИТЕ, ОДГОВОРИ ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА НА ПРИГОВОРИТЕ НА ОДБРАНАТА ДЕКА ДОКАЗИТЕ СЕ ЗАДОЦНЕТИ И ОД ДРУГ ПРЕДМЕТ ВО „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“

    ВО ПРАВОТО СНЕГОТ НЕ ГИ ПОКРИВА ТРАГИТЕ, ОДГОВОРИ ОБВИНИТЕЛКАТА СТЕФАНОВА НА ПРИГОВОРИТЕ НА ОДБРАНАТА ДЕКА ДОКАЗИТЕ СЕ ЗАДОЦНЕТИ И ОД ДРУГ ПРЕДМЕТ ВО „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“Судијата Илија Трпков ги одби приговорите на одбраната. - Обвинителката Стефанова и обвинетиот Камчев (Фото: СДК.МК)

    Доказите прибрани во поранешното Специјално обвинителство во предистражна постапка за случајот „Плацеви на Водно” важат само за обвиненијата поднесени до 2017 година, смета одбраната на обвинетите. Тие приговараат на тоа што под еден број е заведен предметот за предистрагата, а под други броеви продолжил понатаму.

    Адвокатите на денешното рочиште колективно приговараа на сите докази на обвинителката Лиле Стефанова во предметот „Плацеви на Груевски”.

    „Предметот беше отворен во Скопското јавно обвинителство под еден број. Потоа го презеде СЈО под друг, за да заврши во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Во анализата во завршните зборови ќе кажам и поврзам кој доказ од каде дошол”, рече Стефанова.

    Судијата Илија Трпков ги одби приговорите на одбраната и кажа Стефанова да продолжи со изведување на материјалните докази, а судот на крајот ќе утврди дали ќе ги прифати или не.

    „За среќа во правото не важи поговорката: ‘Падна снегот, ги покри трагите’.”, рече Стефанова и продолжи со материјални докази. Таа презентираше изводи од Централен регистар за фирмите ќерки што ги отворале обвинетите за како што се тврди во обвинението, да се исперат незаконски стекнатите 1,3 милиони евра на првообвинетиот Никола Груевски.

    Избеганиот Груевски е обвинет за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот, Јордан Камчев и уште тројца се обвинети за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, додека ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков е обвинет за помагање при кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело.

    Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012, во Скопје првообвинетиот Груевски со искористување на ист траен однос и исти прилики за себе противправно присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени во врска со неговата работа (пари од уплаќани членарини на партиски членови, симпатизери и фирми спонзори), присвојувајќи износ од најмалку 1.300.360 евра.

    Како одговорно лице, претседател на политичката партија, дел од паричните средства што биле давани како донации за финансирање на политичката партија не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе.
    Потоа, од октомври 2012 до септември 2013, Груевски парите ги пуштил во оптек, за што со умисла му помогнал обвинетиот Сашо Мијалков, па така, откако Груевски во средината на 2012 дознал дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 м2, лоцирано на Водно, побарал Мијалков да му помогне да го купи при што ќе го прикрие изворот на парите и дека тој е сопственик на земјиштето.

    Според обвинението, Мијалков стапил во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашно правно лице кое ќе биде употребено за купување на земјиштето. Иако знаел дека неговото правно лице ќе се користи за прикривање на вистинскиот сопственик на купувачот на земјиштето, тој во договор со Мијалков основал правно лице во Скопје, на кое обвинетиот Ристо Новачевски танал управител. Откако била постигната согласност за купопродажната цена, Груевски во повеќе наврати на девизната сметка на правното лице во Скопје, преку сметката на правното лице од Белизе пуштил во оптек парични средства прибавени со кривично дело. Неговиот кум Новачевски ги примил паричните средства и во својство на управител на правното лице со сопствениците на земјиштето потпишал договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 м2, по што извршил плаќање кон продавачите во износ од 1.299.215 евра, а дел од останатите приливи ги употребил за плаќање на данок на промет на недвижности. Подоцна, во периодот од јуни до октомври 2015, Груевски купениот имот чии парцели со промените на ГУП на град Скопје 2012-2022 биле пренаменети во градежни парцели, и уделот на правното лице од Белизе во правното лице во Скопје, го пренел на Камчев и обвинетата Ратка Камчева.

    Камчев како управител на правно лице и обвинетата Камчева како краен сопственик на истото правно лице, иако знаеле дека имотот е прибавен со кривично дело, го примиле во сопственост на нивното правно лице и донеле одлука преземеното правно лице да се преименува и сопственоста да се пренесе на правните лица каде обвинетиот Камчев е управител, а обвинетата мајка сопственик. Потоа, по претходно донесена одлука за физичка делба парцелите биле поделени на три нови парцели, од кои едната била продадена на заинтересирано правно лице. Уделите во преименуваното правно лице и останатите две парцели фиктивно биле пренесени на трето лице без да биде платен уделот, и со договор во кој бил определен рок за исплата на купопродажната цена со клаузула дека ако рокот не биде испочитуван, договорите се ништовни со што ја прикриле локацијата на имотот и неговата сопственост.

    Воедно, Груевски како службено лице, спротивно на законската должност од Законот за спречување на корупцијата, со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи во Анкетен лист што го доставил по престанок на функцијата до Државната комисија за спречување на корупцијата, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Р. Н. Па така, во графата „Недвижен имот“ не пријавил два стана во Скопје со површина од 38м2 и 57 м2, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 м2 и две градежни парцели во Крушево во вредност од 795.424 денари.

    Надлежниот обвинител со обвинението на судот му предложи предметниот недвижен имот трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите на Бихаќка од 57 м2 во вредност од 60.000 евра и 38 м2 во вредност од 41.000 евра, градежното земјиште со површина од 2.729 м2, евидентирано во имотен лист за КО Центар 2 во вредност од 7.365.600 денари и двете градежни парцели за КО Норово – Крушево во вредност од 795.424 денари и судот му го замрзна овој имот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира