ВО СИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА ИМА НЕДОСТИГ НА ОБВИНИТЕЛИ, НАЈПРОБЛЕМАТИЧНО Е ВО СКОПЈЕ, СЕ ПОЖАЛИ ВО СОБРАНИЕТО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ КОЛЕ ШТЕРИЕВ

    ВО СИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВА ИМА НЕДОСТИГ НА ОБВИНИТЕЛИ, НАЈПРОБЛЕМАТИЧНО Е ВО СКОПЈЕ, СЕ ПОЖАЛИ ВО СОБРАНИЕТО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ КОЛЕ ШТЕРИЕВСо новиот Закон за кривична постапка, обвинителите се и инспектори и извршители, вели претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев (Фото: СДК.МК)

    Пратениците од Комисијата за политички систем сметаат дека не се решени проблемите во работата на обвинителствата и дека годишниот извештај на Советот на јавни обвинители формално набројува статистички податоци за работа на обвинителите без соодветно објаснување.

    „Извештајот за минатата година е пуст како тој од претходната и може да се заклучи дека не се мрднало ништо во решавање на проблемите“, рече Снежана Калевска Ванчева, пратеничка од СДСМ.

    Таа праша зошто сѐ уште нема јавен обвинител во Крива Паланка и побара поголема анализа во извештајот за одделни случаи за да може да разберат на што точно се однесуваат претставките од граѓаните.

    „Како што рековте скоро половина од претставките се за конкретни обвинители, но овде недостига објаснување за што се тие претставки и кои се причините. Ако нема доволна екипираност или недостигаат адекватни услови за работа, тоа треба да стои во извештајот“, рече Калевска Ванчева.

    Пратеникот Зоран Ивановски забележа дека досега Советот не разрешил ниту еден обвинител и зошто лани меѓу новоименуваните обвинители нема од Академијата на судии и јавни обвинители.

    Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев рече дека во однос на претставките според сегашните закони не може за секој поединечен случај да даваат детален извештај, а дека дел од обвинителствата се недоволно екипирани, бидејќи со години наназад нема кандидати за тие места, а дека од Академијата нема обвинител оти до сега немало излезен кадар

    Штериев рече дека не можат да разрешат обвинител ако до Советот нема конкретен акт од конкретно јавно обвинителство, односно дека ингеренциите на Советот се ограничени.

    „Од содржината на претставките кои сме ги разгледале сме оцениле дали за некои има или нема потреба за дисциплинска постапка и сме го известиле обвинителот, а како тој понатаму ќе постапи не е наше“, рече Штериев.

    Според него, во сите обвинителства има недостиг на обвинители, а дека најпроблематично е во Скопје, каде се околу педесетина обвинители.

    „Тие работат и потешки и полесни предмети, а со новиот Закон за кривична постапка се и инспектори и извршители и обвинители, и по некој пат постапките за еден предмет траат по цели денови, физички не можат да постигнат“, рече Штериев, одговарајќи на прашање од пратениците зошто и натаму има поплаки дека одредени постапки предолго траат.

    Надa Ципушева, од ВМРО-ДПМНЕ, побара претставките за поединечните случаи да бидат класифицирани за да можат како пратеници да разберат за што се конкретните претставки за работата на обвинителите. Таа праша дали мислењето на Советот на јавни обвинители е вградено во Законот за обвинителство со кој треба да се регулира работата на СЈО и во Законот за Советот на јавни обвинители и дали пратениците може да го добијат за да реагираат амандмански ако не се вградени овие забелешки.

    „Не знам дали е вградено нашето мислење, бидејќи работевме на неколку верзии и ние дадовме мислење на една од верзиите. Најдобро е тоа да го побарате од Министерството за правда“, рече Штериев, кој во неколку наврати објаснуваше дека сега како што се законските решенија Советот има ограничени ингеренции и државата треба да одлучи дали Советот е потребен.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира