ВО СИТЕ ЗЕМЈИ ВО ТРАНЗИЦИЈА СЕ ВРАБОТУВААТ РОДНИНИ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА, НО ДОАЃА ВРЕМЕТО НА ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ, ВЕЛИ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ

    ВО СИТЕ ЗЕМЈИ ВО ТРАНЗИЦИЈА СЕ ВРАБОТУВААТ РОДНИНИ ВО АДМИНИСТРАЦИЈА, НО ДОАЃА ВРЕМЕТО НА ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ, ВЕЛИ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИAко се отвори темата за вработувања во М-НАВ, тогаш ќе треба да проверите и во Академијата на судии кој сè станува судија и обвинител, па ќе треба да видите и по министерствата, вели Ковачевски. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека вработувањето роднини на функционери во државните институции е карактеристика на општествата во транзицијата и такви се сите држави кои поминале низ транзиција.

    Прашан за коментар за роднините на министри вработени во М-НАВ, тој кажа дека ако се отворат вработувањата во М-НАВ, тогаш треба да се провери и во Академијата за судии и јавни обвинители и да се види кој сè станува судија и обвинител, а спомена и поранешен министер за надворешни работи кој во министерството си ја вработил бебиситерката која му ги чувала децата.

    „Јас имав принципиелен став во однос на М-НАВ и гледам дека министрите кои имале некои роднини вработени, тие веќе си даваат свои ставови. Јас не можам да бидам портпарол на семејства на други луѓе, ниту сум претендирал такво нешто да бидам. Таа тема ако се отвори, тогаш ќе треба да проверите и во Академијата на судии кој сè станува судија и обвинител, па ќе треба да видите и по министерствата. Таму на времето имаше еден бивши министер, сега многу е гласен, тој дури и бебиситерката си ја вработи во Министерство за надворешни работи, што му ги чуваше децата. Така што тоа е една карактеристика на едно општество во транзиција. Такви се сите отприлика општества во транзиција, сите држави во кои што тоа првобитно формирање на администрацијата има најразлични примеси“, кажа Ковачевски на настан во Шуто Оризари.

    Ковачевски додаде дека доаѓа време кога професионализмот ќе биде клучен при вработување.

    „Веќе доаѓа време кога професионализмот ќе биде најважен, најклучен. Ова е држава која што се развива, која што многу се разликува од тоа што беше пред 32 години кога ја добивме нашата независност и сметам дека професионалците, без разлика на која било припадност, ќе ја водат државата во иднина, до полноправно членство во ЕУ и земја која ќе има најголем раст од сите земји членки на ЕУ откако ќе влезе во неа“, рече премиерот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира