ВО СКОПЈЕ ФАЛАТ ОРТОПЕДИ ЗА ПРЕГЛЕДИ НА БЕБИЊА И ДЕЦА, А СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВААТ ПРИОРИТЕТНИТЕ УПАТИ, ВЕЛИ Д-Р МИЛЕНА БОГОЈЕВСКА-ДОКСЕВСКА ОД КЛИНИКАТА ЗА ОРТОПЕДИЈА

    ВО СКОПЈЕ ФАЛАТ ОРТОПЕДИ ЗА ПРЕГЛЕДИ НА БЕБИЊА И ДЕЦА, А СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВААТ ПРИОРИТЕТНИТЕ УПАТИ, ВЕЛИ Д-Р МИЛЕНА БОГОЈЕВСКА-ДОКСЕВСКА ОД КЛИНИКАТА ЗА ОРТОПЕДИЈА„Во последно време, пациенти со хронични состојби добиваат приоритетен упат, додека новороденче со вродено криво стапало се случува да не може да добие упат“, вели д-р Богојевска-Доксевска. (Фото: СДК.МК)

    Мал е бројот на ортопеди во Скопје за прегледи на бебиња и деца во развој, а ненавременото спроведување на ортопедските прегледи во детството,во најстрашен случај, може да доведе до траен инвалидитет на детето, вели асс. д-р Милена Богојевска-Доксевска од Клиниката за ортопедски болести во Скопје.

    Со д-р Богојевска-Доксевска, која прегледува и во Мајчин дом, разговаравме за тоа дека со месеци нема термини за прегледи на бебиња и деца во развој на ортопед, а приватните не може да си ги дозволи секој, па се случува да се пропуштат прегледите.

    „Навистина, термините за прегледи на деца се зафатени по два месеца однапред и родителите заедно со матичните доктори се соочуваат со недостиг на слободни термини за редовните ортопедски прегледи кај доенчињата и децата. Причините за тоа се многубројни, мал е бројот на ортопеди кои се занимаваат со оваа патологија и во Скопје, повеќето работат во терциерно здравство, што е дополнителна причина достапноста да биде отежната. Парадоксално, се случува и на голем број од закажаните термини да не се појават пациентите“, вели таа.

    Д-р Богојевска-Доксева кажува дека во последните неколку месеци, на повеќе од половина од закажаните термини за прегледи на деца, пациентите воопшто не се појавуваат, ниту матичните доктори ги откажуваат закажаните прегледи. Така, од 12 закажани термини, 6 нема да се појават.

    „Не е јасна причината зошто тоа се случува, кога термините се навистина ограничени и секој треба да го почитува. Од друга страна, се злоупотребува постоењето на приоритетни упати, така што пациенти кои се соочуваат со хронични состојби добиваат приоритетен упат, додека новороденче со вродено криво стапало се случува да не може да добие упат за да се почне со навремен третман на таа состојба. Јас се надевам дека ќе се зголеми бројот на ортопеди кои ја работат оваа патологија и на тој начин да се зголеми достапноста на ортопедските прегледи кај децата, а воедно апелирам до родителите закажаните термини да се почитуваат“, вели д-р Богојевска-Доксевска.

    Таа појаснува дека прегледите на доенчињата во најраната возраст се превентивни, тоа се скрининг програми при кои се детектира вроден или развоен проблем кај бебето. Најчести се развојната дисплазија на колкот, или исчашено колкче, крив врат или вродено криво стапало. Раното откривање на овие состојби придонесува до нивно навремено третирање. Исчашувањето на колкчињата за разлика од кривиот врат и вроденото криво стапало, не е видливо со голо око, и потребно e со клинички и ултрасонографски преглед да се утврди дали постои и колкав е степенот на исчашувањето.

    Во тој период од еден до три месеци, постои голема пластичност на ткивата и со правилно позиционирање на зглобот доаѓа до побрзо лекување на таа состојба. Затоа е важен првиот ортопедски преглед, потенцира д-р Богојевска-Доксевска. Понатаму, прегледите покрај проверка на колковите вклучуваат и проверка на целокупниот развој на мускулно-скелетниот систем, во периодот од 6-8 месеци и понатаму 8-18 месеци, кога бебињата почнуваат да седат, лазат и проодуваат во зависност од индивидуалниот раст.

    „Секако, не помалку важни се и прегледите во понатамошната детска возраст, на 3 години, а потоа на 6/7 години и раната адолесценција, кои се сметаат за клучен период за превенција или лекување на рамни стапала, како и искривувањата на ‘рбетот. Покрај општите препораки за носење соодветни анатомски обувки, укажувањето на тоа какви вежби да се изведуваат со стапалата, обрнуваме внимание на родителите од потребата за суплементација на витамин Д3 кој е клучен во метаболизмот на коските, но и целокупниот имун систем“, вели д-р Богојевска-Доксевска.

    Кај децата во училишна возраст се обрнува внимание кон целокупното држење на телото врз кое големо влијание има неактивноста на децата, како и неправилното носење на тешките училишни ранци.

    „Покрај мотивирањето на децата да се занимаваат со спортски активности по слободна желба, укажуваме на тоа ранецот да не се носи на едно рамо, да бидат стегнати ремените со што ранецот би доаѓал над карлицата на детето. Неправилното носење на ранците доведува не само до нарушување на доброто држење на телото, туку е и причина за појава на хронична болка во рбетот понатаму во животот“, вели д-р Богојевска-Доксевска.

    „Се надевам дека ќе се зголеми бројот на ортопеди кои ја работат оваа патологија и на тој начин да се зголеми достапноста на ортопедските прегледи кај децата, а воедно апелирам до родителите закажаните термини да се почитуваат“, вели д-р Богојевска-Доксевска. (Фото: СДК.МК)Во најстрашен случај, вели таа, ненавременото спроведување на ортопедските прегледи во детството може да доведе до траен инвалидитет на детето, но за среќа овие случаи се екстремно ретки. Ненавременото откривање на исчашувањето на колкот води до постојана болка и накривување, како и ограничени движења на колкот, ненавременото интервенирање при постоење на рамни стапала и неправилно држење на телото води до појава на хронична болка во предел на рбетот понатаму во животот, додека недоволното и нередовното земање на витаминот Д3 доведува до појава на рахитис, деформитети на зглобовите, лабавост на мускулите и несоодветен раст и развој кај децата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира