Во Скопје, на 30 јуни и на 1 јули ќе се одржи лидерска средба ЕУ-Западен Балкан, посветена на напорите за забрзување на спроведувањето на Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан. На средбата ќе присуствуваат еврокомесарката за проширување Марта Кос и лидерите на сите земји од Западен Балкан.
Според најавата од Европската комисија, покрај домаќинот, македонскиот премиер Христијан Мицкоски, во Скопје ќе пристигнат и претседателите на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Европската комисија во пресрет на средбата во Скопје соопшти и дека Планот за раст за Западниот Балкан нуди придобивки за шесте земји кои се подготвуваат за членство во ЕУ, а на средбата ќе биде разгледан напредокот и ќе се дискутира за следните чекори во неговото проведување.
Дводневната средба започнува на 30 јуни со средба меѓу премиерот Мицкоски и комесарката Кос. По ова ќе следува билатерална средба со пошироки делегации. Официјално соопштение од Владата ќе биде објавено веднаш по завршувањето на овие состаноци.
Главниот дел од програмата е закажан за 1 јули, со пристигнувањето на останатите лидери од Западен Балкан. Првиот панел ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан, со воведни обраќања од премиерот Мицкоски и комесарката Кос.Вториот панел ќе се фокусира на конкретни механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст. На оваа дискусија ќе учествуваат министри од регионот, претставници на Европската Унија, регионални организации и меѓународни партнери, со цел да се обезбедат практични решенија за забрзување на реформите.
Очекувањата се дека средбата ќе донесе важни заклучоци и насоки за иднината на евроинтегративниот процес и економскиот развој на земјите од Западен Балкан. Целта е да се зајакне регионалната соработка и да се забрза пристапувањето кон ЕУ.
Планот за раст на Западниот Балкан, промовиран од Европската комисија во октомври 2023, има за цел да го поттикне економскиот раст на регионот и да им помогне на земјите да се приближат до ЕУ. Тој предвидува финансиски средства од шест милијарди евра за реформи и инвестиции во клучни области како што се енергетиката, транспортот и дигиталната трансформација. Овие средства, кои ќе бидат исплатени во форма на грантови и поволни заеми, имаат за цел да го зголемат просперитетот и стабилноста на Западниот Балкан.