ВО СОБРАНИЕ ПОМИНАА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ НА 64 ГОДИНИ И ЗА ТРИПАТИ ПОВИСОК ДАНОК ЗА НЕДВИЖЕН ИМОТ КОЈ НЕ СЕ КОРИСТИ

    ВО СОБРАНИЕ ПОМИНАА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ НА 64 ГОДИНИ И ЗА ТРИПАТИ ПОВИСОК ДАНОК ЗА НЕДВИЖЕН ИМОТ КОЈ НЕ СЕ КОРИСТИЗаконските измени за пензионирање на 64 години ќе почнат да се применуваат од 30 јуни 2022 година. (Фото: СДК.МК)

    Собранието денеска ги усвои измените на Законот за работни односи со кои во пензија ќе се оди на 64 години. Досега, граѓаните имаа можност да продолжат да работат до 67 години, но со овие законски измени, таа опција ќе ја имаат само вработени во здравството и во високото образование, под строго дефинирани критериуми и постапка.

    Останува законската можност жените да одат во пензија и со навршени 62 години возраст, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

    Предлагачот, министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска, вели дека на овој начин се отвора можност за вработување на младите, но и за намалување на бројноста во администрацијата.

    Законот ќе почне да се применува од 30 јуни 2022 година.

    Исто така денеска, Собранието ги усвои измените на Законот за даноците на имот, со кои се предвидува трипати повисока стапка на данокот за недвижен имот кој не се користи од страна на сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година.

    Со законските измени, трипати се зголемува и стапката на данокот на имот на земјоделското земјиште кое не се користи за земјоделско производство. Дополнително, во предложените измени се пропишува и дека оние кои нема да пријават дека одреден недвижен имот не го користат, ќе платат данок кој ќе биде за пет пати повисок од пропишаниот.

    Стапките на данокот на имот се пропорционални и изнесуваат од 0,10% до 0,20% од вредноста на имотот. Обврзникот на данокот на имот за едностанбен или повеќестанбен објект за домување и двор во кој живее има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира