Во тек е постапка за оградување на можната дива депонија од канцерогениот инсектицид линдан, остаток од работењето на некогашниот хемиски гигант ОХИС во месноста Пеленица близу скопското село Драчево, вели Владата.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека владината комисија заедно со стручни лица од Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направат физичко обезбедување на локацијата, за да се оневозможи пристап до неа додека трае испитувањето со кое треба да се утврди веродостојноста на тврдењето дека таму има дива депонија на линдан.
Тој вели дека одлуката на Владата да се формира комисија која ќе работи на утврдување на веродостојноста на информацијата за можноста да има дива депонија на линдан надвор од кругот на фабриката ОХИС е донесена кон крајот на август годинава.
„Министерството за животна средина и владината комисија имаат издадено наредба за физичко обезбедување на локацијата, додека трае истражувањето и веќе се работи на тоа“, рече Бошњаковски.
Основните училишта од Скопје во оваа област организираат настава во природа за учениците од прво до осмо одделение, а вакви екскурзии беа организирани и оваа учебна година.
Владата не одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали е известено Министерството за образование да ги извести училиштата превентивно да не организираат екскурзии во месноста Пеленица во Драчево до утврдување на фактичката состојба, и ако е известено зошто така не постапило.
Од Владата смируваат дека според информациите што ги имаат од Министерството за животна средина дека локацијата на можната дива депонија е оддалечена од местото каде учениците се носат на екскурзии, и дека тоа е рид покриен со земја и ако има контаминација линданот продира надолу во почвата.
Информацијата за можна дива депонија на линдан во близина на село Драчево до Владата уште летово ја доставиле од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (ПОПс) при Министерството за животна средина и Центарот за управување со кризи.
Сузана Андонова од Канцеларијата за неразградливо органзки загадувачи, вели дека оваа информација ја добиле од некогашни вработени во фабриката ОХИС, според кои линданот го фрлале во оваа област, бидејќи во тоа време не се знаело дека тој е канцероген и сметале дека е обичен прашок.
Таа вчера изјави дека немаат информација колкава е таа депонија, до каде се простира, ниту пак имаме некаков писмен доказ дека има дива депонија. Анонова вели дека уште летово заедно со ЦУК ја информирале Владата и сите надлежни министерства со препорака да се забрани движење на луѓе додека не се испита дали има, колкаво е загадувањето и мерки за негово отстранување.
„Во тимот за испитување потребни се стручни екипи од Министерство за одбрана, од МВР кои работат со хемиско, биолошко оружје, опасен материјал. Нашата канцеларија нема ниту мандат, ниту стручна екипа да прави вакви истражувања“, вели Андонова.
Е. БОЧВАРОСКА