ВО ТЕШКА СОСТОЈБА ДВЕ ДЕЦА И ДВАЈЦА ВОЗРАСНИ ЗАРАЗЕНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИ

    ВО ТЕШКА СОСТОЈБА ДВЕ ДЕЦА И ДВАЈЦА ВОЗРАСНИ ЗАРАЗЕНИ СО МАЛИ СИПАНИЦИВо мементов на клиниката се лекуваат вкупно 33 заболени од мали сипаници (морбили), од кои 17 возрасни и 16 деца. Освен пациентот кој подолго време е на механичка вентилација, во потешка состојба се уште две деца и уште еден возрасен. Имаме бремена жена која е со мали сипаници, и таа е во стабилна состојба, вели директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ (Фото: СДК.МК)

    На Клиниката за инфективни болести вчера биле прегледани 14 заболени од мали сипаници, од кои тројца се примени на болничко лекување. Директорката на Клиниката за инфективни болести д-р Милена Стевановиќ, вели дека останатите се амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување.

    „Во моментов на клиниката се лекуваат вкупно 33 заболени од мали сипаници (морбили), од кои 17 возрасни и 16 деца. Освен пациентот кој подолго време е на механичка вентилација, во потешка состојба се уште две деца и уште еден возрасен. Имаме бремена жена која е со мали сипаници, и таа е во стабилна состојба“, вели д-р Стевановиќ.

    Од грип вчера на Инфективна клиника биле прегледани четворица пациенти, од кои двајца се задржани на болничко лекување, а двајца се пуштени на домашно лекување.

    „Од новопримените заболени од грип, едниот е хоспитализиран на интензивна нега, бидејќи е во потешка состојба, останатите заболени од грип се во стабилна состојба. Имавме и бремена жена болна од грип во многу тешка состојба, но вчера попладне самоиницијативно со потпис замина од болница. Само два дена пред тоа беше на механичка вентилација“, вели д-р Стевановиќ.

    Вчера Институтот за јавно здравје соопшти дека од грип починале четири лица, со што бројот на почнати од грип се искачи на 15. Од мали сипаници пак досега починаа три деца.

    Според извештајот од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во периодот од 9 до 15 март пријавени се 63 новозаболени од мали сипаници, од кои 29 се од Скопје, а останатите 34 се од други 8 градови. Од Куманово и Тетово пријавени се по 11 заболени, од Велес четири, од Струга три случаи на заразени, од Гевгелија два случаи, а по еден случај од Виница, Гостивар и Кратово.

    „Од почетокот на епидемијата во Скопје во декември лани па досега регистрирани се 555 случаи од кои 439 во Скопје, а активна епидемија прогласена е во Скопје, Тетово, Куманово и Гевгелија“, стои во извештајот од ИЈЗ.

    Од почетокот на епидемијата на морбили во Скопје се вакцинирани над 10.000 деца до 14-годишна возраст, а во целата земја над 16.000.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира