На улицата Никола Кљусев во центарот на Скопје денеска беше отворена изложба за уништените објекти и културно наследство на Украина за време на воената агресија од страна на Русија. На „Алејата на Украина“ во срцето на Скопје на слики се прикажани трговски центри, болници, железнички станици, цркви, училишта и градинки уништени во бомбардирањата од Русија.
„Некогаш просперитетните градови сега се претворени во руини. Но, ние ќе ги обновиме, ќе издржиме, ќе победиме.Војната веќе одзема многу животи од нашата држава, животи на деца, војници, волонтери, цивили. Украина продолжува херојски да го брани не само сопствениот територијален интегритет и суверенитет, туку Украина, украинските војници и обичните луѓе во Украина ги бранат европските и универзалните човечки вредности по цена на сопствениот живот“, кажа вонредната и ополномоштена амбасадорка на Украина во земјава Лариса Дир.