ВО ЗЕМЈАТА ИМА УШТЕ ЧЕТИРИ АКТИВНИ ПОЖАРИ, ПОЖАРОТ КАЈ БУДИНАРЦИ ГО ГАСАТ НАД 500 ЛУЃЕ

    ВО ЗЕМЈАТА ИМА УШТЕ ЧЕТИРИ АКТИВНИ ПОЖАРИ, ПОЖАРОТ КАЈ БУДИНАРЦИ ГО ГАСАТ НАД 500 ЛУЃЕИ екипите од Австрија, Словенија и Бугарија се на терен кај Будинарци (Фото: ЦУК)

    Во Македонија утрово сè уште имаше неколку активни пожари, вклучувајќи го оној кај селото Будинарци во Општина Берово, кој во изминатите денови постојано се истакнуваше како најголем и најнепредвидлив. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека овој пожар полека се става под контрола, во што учествуваат и екипите од Австрија, Словенија и Бугарија и хеликоптер на АРМ.

    „Вчера имаше 14 активни пожари, моментално се само четири и очекуваме во текот на денот да биде изгаснат оној кај Будинарци. Во гаснењето на овој пожар се ангажирани повеќе од 500 лица“, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

    Пожарот во атарот на делчевското село Нов Истевник, кој почна уште на 2 август, конечно е локализиран и ставен под контрола.

    Поради непристапниот терен, пожарот над селото Раовиќ во Општина Сарај и натаму е активен и претставува потенцијална опасност за ловиштето Јасен и Матка. Овој пожар се дели на два крака, од кои еден се движи во правец на Матка. Најавено е дека во гаснењето ќе се вклучи и романскиот противпожарен авион.

    Пожарите во општините Штип, Прилеп, Петровец и Чашка се ставени под контрола, иако на некои места сè уште гори. Таков е случајот со пожарот во Петровец, кој од селото Дивље се пренасочи кон Средно Коњаре.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира