ВООПШТО НЕ Е ИЗВОДЛИВО ПОЛАГАЊЕТО НА ДРЖАВНА МАТУРА НА 27 МАЈ, ВЕЛИ СИНДИКАТОТ НА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР КОЈ ШТРАЈКУВА ТРЕТА НЕДЕЛА

    ВООПШТО НЕ Е ИЗВОДЛИВО ПОЛАГАЊЕТО НА ДРЖАВНА МАТУРА НА 27 МАЈ, ВЕЛИ СИНДИКАТОТ НА ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР КОЈ ШТРАЈКУВА ТРЕТА НЕДЕЛАОд штрајкот се засегнати 15.620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита. - Од ланското полагање. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Воопшто не е изводлив 27 мај како датум за полагање на државната матура и од таа причина бараме промена на календарот во делот за полагање на државната матура и промена на датумите, рече денеска Емилија Бошковска, претседателка на Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ). Дваесет и девет вработени во ДИЦ од 24 април почнаа штрајк затоа што не добиле согласност од Министерството за финансии за нивниот колективен договор со кој ќе им бидат зголемени платите. Полагањето на државна матура е закажано на 27 мај и 10 јуни. Од штрајкот се засегнати 15.620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита.

    Вработените бараат повисоки плати кои не им се зголемени и по повторниот пораст на минималната плата, што довело до изедначување на платите за различни работни позиции. Речиси половина од нив, 11, примаат околу 20.100 денари, а советниците кои, како што велат, се стожерот на ДИЦ, добиваат плата од 26 илјади денари.

    „Пресметките се дека веќе е невозможно да се постигнат тие датуми кои се по календар ставени, односно 27 мај и 10 јуни. 27 мај е многу тешко изводлив, да не речам воопшто не е изводлив. Тоа би значело автоматски и пролонгирање на резултатите, бидејќи добар дел од процесите се врзани со оценувачите, не е само печатењето на тестовите, туку има и процеси кои се врзани со надворешни лица. Нашето нефункционирање во овој момент подразбира дека нема да стигнеме ни со резултатите“, кажа денеска Бошковска.

    Исто така, стопирано е и меѓународното тестирање ТИМСС, со кое се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). Тестирањето почна на 3 април и опфаќа околу 4.900 ученици во 150 основни училишта.

    Министерот за образование и нака Јетон Шажири денеска пред прес-конференцијата на Синдикатот, рече вработените нека продолжат со нивните барања, но нека не ги доведуваат во прашање процесите. Тој апелираше вработените да го почекаат Општиот колективен договор кој, како што рече, можеби ќе биде подобар од сегашните услови што им ги нуди Министерството за финансии.

    Шаќири додаде дека дел од вработените се вклучиле при полагањето на испитите за директори, кои се во надлежност на ДИЦ, и тие биле во законски рок.

    „Истото би го побарал од истите тие вработени. Со Министерството за финансии да се најде начин за нов колективен договор, но истовремено очекуваме што побрзо да се потпише и Општиот колективен договор кој веќе е најавен и за другите сектори. Во момент кога дискутираме, тоа да не го поврзуваме со датумот на државната матура“, рече Шаќири на отворањето на конференцијата за италијански јазик во Ректоратот на УКИМ.

    Бошковска на 3 мај кажа дека од Министерството за финансии телефонски ги известиле дека „жалат што имаат толку ниски плати“ и наместо нивниот колективен, како поповолен, им го предложиле Законот за административни службеници.

    „Но, тој е далеку од нашето барање. Ако се прифати понудата за Законот за административни службеници, илјада денари е зголемување за советниците, а на добар дел со минимална плата во ДИЦ, кои се клучни во работата, нема да им се промени платата. Затоа ова нема да го разгледуваме ни како опција. По обидот повторно да бидеме игнорирани и неудостоени со одговор на нашето барање, ДИЦ имаше седница на Собрание на синдикатот и едногласно одлучи штрајкот да продолжи“, изјави Бошковска.

    Појаснувајќи зошто за нив е неприфатлива понудата, таа кажа дека главна надлежност на ДИЦ е да се грижи за квалитетот на образованието во државава, а Законот за административни службеници не го предвидува тој дел, односно делот на образование на сите вклучени во институцијата.

    „Одамна бевме свесни за тоа и една од причините зошто се задржавме на наш колективен договор е тоа што сме посебни како институција и вработените се со поинаков начин на обука, затворен е системот, малку вработени се, за да нема пробивање на тестови, високоодговорни задачи за секој од нив и повеќе процеси за еден човек“, рече Бошковска на 3 мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира