ВОСКРЕСНАА ЖОЛТИТЕ КОМБИЊА НА ГРУЕВСКИ, МИЈАЛКОВ ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДОКАЗИ ОТИ БОМБИТЕ СЕ ОД УБК

    ВОСКРЕСНАА ЖОЛТИТЕ КОМБИЊА НА ГРУЕВСКИ, МИЈАЛКОВ ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДОКАЗИ ОТИ БОМБИТЕ СЕ ОД УБКСашо Мијалков пристигнува во Кривичниот суд за денешното судење за случајот „Тврдина-Таргет“. (Фото: К. Попов)

    Обвинетиот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков во денешното прво сведочење во тригодишниот судски процес за масовното незаконско прислушување, тврди дека нема ниеден доказ дека илјадниците снимени разговори се од Управата и дека таму се вршело прислушувањето.

    „Ако ги снимал разговорите во УБК сведокот Ѕвонко Костовски и ги режел во Управата, можеше да се споредат тие цедеа со цедеата во УБК од посебните истражни мерки, но такво нешто нема”, рече Мијалков.

    Тој тврди дека многу лесно можело да се прислушува надвор од системите на УБК.

    „Такво нешто ми беше презентирано од израелска компанија за високософистицирана опрема, дека е можно следење на комуникации на мобилната телефонија надвор од Управата, преку телефонските оператори. Опремата беше составена од 3 лаптопа и една мала антена од неколку сантиметри. Таа опрема ја нарекуваат дпл, за детектирање, превенирање и лоцирање. На еден од лаптопите пред сите излезе телефонска комуникација од повеќе разговори, преку нашите мобилни оператори. На презентацијата беше и Ѕвонко Костовски”, тврди Мијалков.

    Избеганиот поранешен премиер Никола Груевски во 2015 година на прес-конференција тврдеше дека странски служби со жолти комбиња преку двојни базни станици го вршеле масовното прислушување.

    „Таа опрема може да лоцира и други системи кои во моментот прислушуваат. На презентацијата опремата потврди дека во истиот тој момент работат други 3 системи за кои тие мислеа дека е тактичката опрема на МВР. За жал тоа не беа системи на УБК”, убедува ексдиректорот на УБК, кој се соочува со товар за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    Претходно на прашање на неговиот бранител Љупчо Шврговски, кој му посочи дека според обвинението, во 2008 формирал злосторничко здружение со намера да ја злоупотреби службената положба и овластувањата, тој кажа:

    „Тоа е апсолутно неточно. Јас наводно сум формирал да се создаде ваква група, но јас Надица Николиќ како еден од создавачите на групата, не ја познавам. Ја запознав кога се случи аферата со прислушувањето. На другиот создавач Горан Грујовски никогаш не сум му дал таква наредба за формирање група за таква цел. И останатите наводни создавачи на групата не ги знаев. Тука во судница ги запознав. Кога некој би формирал ваква група, не би формирал веројатно со волку членови, башка и непознати за наводниот организатор. Она што очекував беше во оваа постапка да чујам и видам барем еден материјален или вербален доказ за да се поткрепи обвинението”.

    Во точка 2 од обвинението стои дека без судска наредба сте издавале вие лично наредби да се впишуваат телефонски броеви во системот за прислушување и да се следат нивните комуникации, рече Шврговски.

    „И тоа не е точно, јас не сум имал можност и привилегија да давам такви наредби. Никогаш никому, ни писмено но усно, сум дал наредба да изврши какво било дејствие во насока на следење на комуникации. Во текот на постапката исто така видовме дека нема ниту еден доказ за такво нешто. Еден датум, за конкретна личност или телефонски број, прислушувал со моја наредба, не видовме на ова судење”, негира Мијалков.

    За наводите дека со лозинка влегувал во системот и сам слушал од неговиот кабинет, тој одговори:

    „И ова не е точно. Познавајќи се себе и мојот карактер, не сум имал таква потреба. Не сум човек кој користи компјутер на дневна основа, туку мобилен телефон. За 9 години колку што бев директор, само неколку пати сум го вклучил компјутерот, да видам што има на интернет, а не да прислушувам. Не ни постои таков доказ”, го негира Мијалков точка по точка обвинението”.

    За наводите во обвинението дека во февруари 2015 година побарал од Грујевски да покрене постапка за уништување на системите за прислушување, Мијалков исто така негираше. Кажа дека имал информации само дека “веринт” и “најс” системите биле стари и зрели за расходување.

    Обвинителството е на ред со вкрстени прашања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира