ВРАБОТЕН ВО ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ГИ ИСКЛУЧИЛ СИТЕ СКЛОПКИ НА КОМОРИТЕ ЗА РЕАГЕНСИ ЗА ЗАРАЗНИ И НЕЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ВРАБОТЕН ВО ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ГИ ИСКЛУЧИЛ СИТЕ СКЛОПКИ НА КОМОРИТЕ ЗА РЕАГЕНСИ ЗА ЗАРАЗНИ И НЕЗАРАЗНИ БОЛЕСТИМинистерството за внатрешни работи го истражува случајот во Институтот за јавно здравје. (Фото:СДК.МК)

    Лице вработено во Институтот за јавно здравје во Скопје, вчера од засега непознати причини ги исклучило фрижидерите во Институтот каде што се чувале реагенсите за заразни и за незаразни болести, соопшти МВР. Јавното обвинителство соопшти дека итно оформи предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.

    Информацијата денеска ја објави „Слободен печат“, според кој дека фрижидерите се исклучени, забележала хигиеничарката на тој оддел за микробиолошки испитувања.

    „Вчера (31.07.2024) околу 17 часот, во СВР Скопје било пријавено од Институтот за јавно здравје дека во временскиот период од 14:30 до 16 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести. Полициски службеници од СВР Скопје излегоа на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, кажа МВР.

    Од обвинителството велат дека предметот е оформен по информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести.

    „Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена“, вели Обвинителството.

    Од Министерството за здравство ни рекоа дека собираат информации и штом имаат податоци ќе ги објават во јавноста.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира