ВРАБОТЕНИТЕ ВО УЈП ПОЛЕСНО ЌЕ ВЛЕГУВААТ ВО БАНКАРСКИТЕ СМЕТКИ НА ГРАЃАНИТЕ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО УЈП ПОЛЕСНО ЌЕ ВЛЕГУВААТ ВО БАНКАРСКИТЕ СМЕТКИ НА ГРАЃАНИТЕДиректорката на УЈП Сања Лукаревска тврди дека досега не се случило да се злоупотребат податоци на граѓаните од страна на вработени во Управата. (Фото: СДК.МК)

    Управата за јавни приходи ќе има автоматски електронски пристап до банкарските сметки на граѓаните со предложените измени на Законот за банки. Според директорката на УЈП Сања Лукаревска, тоа е неопходна измена за да може УЈП да издава однапред пополнети годишни даночни пријави кои граѓаните само ќе ги потврдуваат, место, како што беше досега, граѓаните сами да ги пополнуваат и поднесуваат даночните пријави.

    „Она на што се работи една година наназад е оваа размена на податоци да се автоматизира, наместо податоците да се доставуваат во хартиена форма, што е долга, спора постапка за сите страни. Автоматизираната електронска размена на податоци со банките ќе овозможи подобрување на ефикасноста на УЈП, подобри услуги за граѓаните и истовремено подобро администрирање на персоналниот данок на доход“, изјави Лукаревска на денешната прес-конференција.

    Од Асоцијацијата на банки реагираат дека увид во трансакциските сметки на клиентот претставува директна повреда на неговата приватност, навики, начин на живеење, со што може да се направи непоправлива штета доколку податоците бидат доставени до трети неовластени лица или бидат објавени во јавност.

    Лукаревска тврди дека личните податоци на граѓаните се сигурни, загарантирани и заштитени и дека и досега не се случило да се злоупотребат податоци од страна на вработени во Управата.

    Досега, УЈП ги добиваше податоците за граѓаните од банките во хартиена форма и оттаму велат дека не е можно да се добијат податоци во хартиена форма за половина милион граѓани, колку што е бројката на оние кои доставуваа годишни даночни пријави до УЈП.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира