Советот на јавните обвинители на денешната седница ја потврди суспензијата на шефот на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје Мустафа Хајрулахи, кој беше суспендиран од Државнот обвинител Љупчо Коцевски по поплаки на вработените од администрацијата.
Советот на јавни обвинители едногласно одлучи јавноста да биде исклучена при разгледувањето на предметот СОЖ бр.2/24 оформен по повод жалбата на Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје Мустафа Хајрулахи против одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Дов бр.49-2/2024 од 11.11.2024 година.
Неодамна, Државниот обвинител на Македонија Љупчо Коцевски одлучи да го суспендира Хајрулахи и да го оддалечи од работното место (од функцијата), прифаќајќи ги сите поплаки на вработените од администрацијата против шефот Хајрулахи, кој секојдневно ги држел во страв од преместување, бркање од работа и од поднесување кривични пријави и други закани.
„По разгледувањето на списите на предметот СОЖ бр.2/24 и дискусијата во која учествуваат сите присутни членови на Советот, се повика јавноста за да се пристапи кон гласање во смисла на член 52 став 2 од Законот за Советот на јавните обвинители. Како резултат на тоа, со мнозинство гласови на членовите на СЈО, се донесе одлука да се потврди одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија со која Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје се оддалечува од вршењето на функцијата јавен обвинител, сметано од 11.11.2024 година за време додека трае кривичната постапка против него“, кажа Советот дека денеска ја потврдил одлуката Хајрулахи да не смее да влезе во Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА