Исправена е неправдата кон стотина ученици – деца со посебни потреби од селата, на кои поради долгогодишен лош закон, државата им го задржуваше месечниот додаток од по 5.000 денари, зашто биле сместени во интернат, кој патем е бесплатен.
Министерството за труд и социјална политика веднаш по објавувањето на текстот во САКАМДАКАЖАМ.МК за тешката дискриминација кон овие деца, направи измена на Законот за заштита на децата во кој додаде дека и на тие што се сместени под крило на државата, им се исплаќа месечниот додаток. И не само тоа, туку и дека во текот на летниот распуст сите ќе го примаат додатокот. Како тие што доаѓаат од руралните средини во специјалното училиште „Димитар Влахов“ во Скопје, така и учениците со посебни потреби – скопјани, кои не живеат во интернат во текот на учебната година.
„Министерството за труд и социјална политика по извршената темелна анлиза на лицата кои се сместени во ученичките домови, изготви Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата (Службен весник на Република Северна Македонија број 294/21 од 27.12.2021 година) со дополнување на членот 34 став (1), кого Собранието го усвои. Тој гласи:
(1) Право на посебен додаток има еден од родителите на детето, старател или лице на кое со решение на надлежниот центар за социјална работа му е доверено детето и живее во семејството со него, со постојано место на живеење во Република Северна Македонија, ако е детето државјанин на Република Северна Македонија со постојано место на живеење во Република Северна Македонија до навршени 26 години живот, доколку не е сместено во установа за вон семејна социјална заштита или друга установа со решение на центарот за социјална работа, освен во ученички дом или друга установа доколку детето треба да го продолжи задолжителното образование. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата се даде можност правото на посебен додаток да може да продолжи да се користи за дете кое е сместено во ученички дом или друга установа за целата учебна година, а не само за времетраење на летниот одмор кога истото се враќа во своето место на живеење“, вели Министерството.
Во членот 11 став (1) од Правилникот за поблиските услови и начинот на остварување на правата за заштита на децата, како и утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството и семејството за правата детски додаток, родителски додаток за дете и додаток за образование, било утврдено дека: (1) За дете кое е сместено во установа за вон-семејна социјална или друга установа со решение на центарот за социјална работа, се остварува право на посебен додаток за време кога детето се наоѓа на распуст (зимски и летен), за три месеци сметано од 1 јуни тековната година, а во ставот (2) од истиот член, се наведува дека правото од ставот (1) на овој член се остварува по барање поднесено најдоцна 15 дена од почнување на летниот распуст.
Законот е стапен во сила и месечниот додаток овие ученици со попреченост во интелектуалниот и во физичкиот развој, си ги земаат редовно додатоците. Интернатите сега се бесплатни и за нив, како и за сите останати ученици од Македонија.
Овој случај беше пријавен кај Народниот правобранител од страна на наставници, професори и родители на ученици во специјалното училиште „Димитар Влахов“. Предметот за повеќегодишна, но и повеќекратна дискриминација кон оваа категорија ученици го истера заменичката народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа, по чии барања, Министерството експресно реагираше со измените.
- ДРЖАВАТА ИМ ГО ЗЕМА ДОДАТОКОТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД 5.000 ДЕНАРИ И ГИ ДИСКРИМИНИРА ТИЕ ШТО СЕ ОД РУРАЛНА СРЕДИНА
- ШАХПАСКА ЌЕ ПРЕЗЕМЕ МЕРКИ ЗА ВО ИДНИНА ДРЖАВАТА ДА НЕ ИМ ГО ЗЕМА ДОДАТОКОТ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ КОГА ЌЕ СЕ СМЕСТАТ ВО ИНТЕРНАТ
С. К. ДЕЛЕВСКА