ШАХПАСКА ЌЕ ПРЕЗЕМЕ МЕРКИ ЗА ВО ИДНИНА ДРЖАВАТА ДА НЕ ИМ ГО ЗЕМА ДОДАТОКОТ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ КОГА ЌЕ СЕ СМЕСТАТ ВО ИНТЕРНАТ

    ШАХПАСКА ЌЕ ПРЕЗЕМЕ МЕРКИ ЗА ВО ИДНИНА ДРЖАВАТА ДА НЕ ИМ ГО ЗЕМА ДОДАТОКОТ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ КОГА ЌЕ СЕ СМЕСТАТ ВО ИНТЕРНАТТие 5.000 денари што ги земаат нивните родители како посебен додаток, државата им ги зема, ги пренасочува автоматски на сметките на интернатите каде што престојуваат. Им ги враќа само на лето, на трите месеци распуст. - Средношколец со интелектуална попреченост на настава во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Има шанса да престане дискриминацијата на децата со попреченост од руралните средини и државата да престане им го зема додатокот од 5.000 денари кога ќе ги смести во интернат. Тие специјални интернати, патем, се бесплатни.

    Министерството за труд и социјала (МТСП), кое за САКАМДАКАЖАМ.МК првин се изјасни дека мора да ги почитува законите, по темелна анализа, утврдило и самото дека нешто со додатоците што им се одземаат на овие деца не е во ред. Законот е многу неправеден само кон овие ученици од селските средини.

    За оваа автокорекција, МТСП го известило и Народниот правобранител, кој отвори предмет откако професори од специјалното училиште „Димитар Влахов“ од Скопје и родители на деца од рурални средини, поднеле претставка за дискриминација.

    „Во врска со вашето прашање, ве информираме дека Министерството за труд и социјална политика во одговор на препорака од Народниот правобранител, а во врска со поднесена претставка на професори од ДУРДМОВ ‘Димитар Влахов’ Скопје, како и на родители на ученици со попреченост, за нееднаквиот третман и дискриминација по основ остварувањето на правото на посебен додаток за деца кои се сместени во установа за вонсемејна социјална заштита или друга установа, пристапи кон темелна анализа на законската и подзаконската регулатива, како и анализа за бројот на деца за кои се остварува правото на посебен додаток, а кои се сместени во установа за вонсемејна социјална заштита или друга установа со решение на Центарот за социјална работа. Имено, врз основа на добиените податоци, Министерството за труд и социјална политика ќе преземе дејствија за решавање на проблемот, согласно можностите за измени во законската и подзаконската регулатива, а сето тоа во најдобар интерес на оваа група деца“, велат од кабинетот на министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска.

    На над 100-тина деца со пречки во интелектуалниот и физичкиот развој од руралните средини, државата им го зема детскиот додаток оној момент кога поради оддалеченоста од специјалните училишта, се вселуваат во интернат.

    Тие 5.000 денари што ги земаат нивните родители како посебен додаток, државата им ги зема, ги пренасочува автоматски на сметките на интернатите каде што престојуваат. Им ги враќа само на лето, на трите месеци распуст, а потоа пак им ги дава на интернатите од септември.

    Со тоа, додека за сите редовни ученици во Македонија интернатското сместување е бесплатно, овие дискриминирани деца – плаќаат со посебниот додаток што им следува.

    „И ова со години им се случува само на децата со попреченост од селата и од населбите кои се далеку од специјалните училишта. Нивните врсници од градските средини, чии родители или асистенти секој ден ги носат и ги земаат од училиште, детскиот додаток го примаат целата година“, вели заменичката-народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

    Таа не може да ги доброи сите основи на дискриминација врз овие деца, поради фаличните закони и подзаконски акти, и бара нивна измена.

    Бајрамовска-Мустафа вели дека навлегувајќи во проблемот по однос на претставките, Народниот правобранител утврдил не само повеќегодишна, туку и повеќекратна дискриминација кон децата со пречки во развојот од руралните средини.

    Таа веднаш го извести Министерството за труд и социјална политика за пријавената дискриминација по основ на образованието на децата со попреченост.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира