ВРЕМЕ Е ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ, „РЕКЕТ“ Е РАСКРСНИЦА КОН ИДНИНАТА, ВЕЛИ ДИМИТРОВ

    ВРЕМЕ Е ДА СЕ ПРЕБРОИМЕ, „РЕКЕТ“ Е РАСКРСНИЦА КОН ИДНИНАТА, ВЕЛИ ДИМИТРОВДискредитацијата на СЈО преку аферата “Рекет” е на иста линија со нападот на Собранието и бојкотот на референдумот, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров за аферата „Рекет“ вели дека е уште еден обид на криминалот да ѝ избега на правдата, како што претходно беа нападот на Собранието и бојкотот на референдумот. Димитров, во објава на Фејсбук, вели дека „Рекет“ е раскрсница, на која едниот пат води кон иднината, а другиот кон бездна и, како што вели тој, можеби е дојдено време да се преброиме.

    Според него, со дискредитација на СЈО преку „Рекет“, се напаѓа институцијата специјално формирана токму да испорача правда и затоа можното соучесништво на обвинител од оваа институција во трговијата со одговорноста, максимално ја зголемува потребата од целосно и одлучно расчистување со сите валканици што излегоа на виделина, кон кого и да водат.

    „Иако целата приказна згрозува до апатија, ако тој кој требало да го гони криминалот, се ставил на страната на криминалците, тоа мора да биде само дополнителен мотив во борбата за правда, а не дигање раце. Расчистување и правда и за ’Рекет‘, но и за сите криминали во снимките и вон снимките. ’Рекет‘ всушност е раскрсница. Едниот пат води кон иднина, другиот пат кон бездна. Можеби дојде време да се преброиме. Од сето ова има само еден заклучок: продолжувањето по патот на одговорноста за сите е највисок државен интерес! Влогот не може да биде поголем. Да се биде патриот значи да се биде борец за правда. Особено денес.“, вели Димитров.

    Тој вели дека како што нападот на Собранието на 27 април 2017 бил за да се избегне одговорност за снимките како индиции за масовна злоупотреба и планина од криминал, а со иста цел бил и бојкотот на референдумот, сега со „Рекет“ имаме „континуитет на политичка агенда на неказнивост или со правен израз – повторување на (не)делото“.

    Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец се во притвор од 15 јули за случајот „Рекет“. Осомничени се за изнуда на 1,5 милиони евра преку тргување со влијание врз обвинител и перење пари. На сослушување во Обвинителството за организиран криминал и корупција досега беа обвинителите од СЈО Елизабета Јосифовска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, а во вторник е повикана да дојде и специјалната обвинителка Катица Јанева.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари