Судскиот совет на денешната седница можеше само да констатира дека врховната судијка Цветанка Периќ го информирала Советот оти се повлекува од кандидат за негов член.
Гласачките ливчиња се веќе испечатени и таа е на нив, заедно со вториот кандидат, врховниот судија Исамедин Лимани.
На денешната итна седница на Судскиот совет по писмото на Периќ од 30 мај, во кое кажала само дека се повлекува од здравствени причини, членовите само го констатираа тоа, но рекоа дека немаат можност и време да препечатуваат гласачки ливчиња, бидејќи изборот за член на Судскиот совет веќе е закажан за 6 јуни.
Некои од членовите прашаа – како да се сигурни дали е здравствено добра за извршување на функцијата врховен судија? Дали и кога ги носи судиските одлуки вака се премислува? Дали на денот на изборот ќе каже дека здравјето и’ се подобрило?… по што ја оставија на гласачкото ливче.
За ова место во Судскиот совет гласаат само Врховните судии. Ако победи Лимани, бидејќи е ова општа листа од Врховниот суд, а не се гласа за посебна листа со судиите од помалите етнички заедници, тој ќе нема право да гласа по Бадентеровиот принцип.
Местото остана празно по оставката на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова, која се тргна оттаму по скандалот и незаконското разрешување на Весна Дамева од претседателка на Судскиот совет лани.
С. К. ДЕЛЕВСКА