Врховниот суд денеска постапи по барањата на осудените во „Рекет“, Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки-13, за вонредно преиспитување на правосилна пресуда и одлучи барањата да ги одбие, соопштија од највисокиот суд.
Двајцата се на извршување на затворските казни во Идризово, откако на 21 јули минатата година Апелациониот суд Скопје ги потврди 7-годишната затворска казна на поранешната специјална обвинителка Јанева и 9-годишната на Бојан Јовановски.
Во јуни 2018 година, Основниот кривичен суд ги осуди двајцата првостепено, Боки 13 за Примање награда за противзаконито влијание и за Перење пари, а Јанева за Злоупотреба на службената положба и овластувањата.
Јовановски преку приватни снимки од бизнисменот Орце Камчев, првоосомничен во големата истрага „Империја”, беше пријавен од него дека му зел во три наврати вкупно 1,5 милиони евра, за да му помогне преку Јанева да се спаси од затвор. Парите не беа најдени.
Јанева е осудена дека примила скап тросед и 50.000 евра за да му ја олесни положбата на Камчев во истрагата. Ни тие пари не се најдоа, Камчев од притвор беше пуштен од Врховниот суд, а Јанева се противеше.