ВТОР ДЕН ГУЖВИ ПРЕД ВАКЦИНАЛНИТЕ ПУНКТОВИ ОТКАКО ВЛАДАТА НАЈАВИ РЕСТРИКЦИИ ЗА НЕВАКЦИНИРАНИТЕ

    ВТОР ДЕН ГУЖВИ ПРЕД ВАКЦИНАЛНИТЕ ПУНКТОВИ ОТКАКО ВЛАДАТА НАЈАВИ РЕСТРИКЦИИ ЗА НЕВАКЦИНИРАНИТЕВо скопската поликлиника „Јане Сандански“, медицински сестри и лекар излегоа надвор и ги вакцинираа граѓаните дојдени за прва доза, додека внатре се примаа оние за втора доза. (Фото: К. Попов)

    И денеска се случува хаос пред вакциналните пунктови во скопските поликлиники откако во саботата вечер Владата најави дека од 16 август ќе треба доказ за вакцинација за влез на настани со над 30 луѓе, вклучувајќи ги и угостителските објекти.

    Салата „Борис Трајковски“, каде што се спроведуваше масовна вакцинација, од почетокот на месецов не работи како вакцинален пункт, па во Скопје како места за вакцинирање останаа поликлиниките „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Чаир“.

    Во текот на вчерашниот ден имаше огромна гужва до затворањето на поликлиниката „Јане Сандански“ во 19 часот, а истата гужва продолжи и утринава пред 8 часот. Пред поликлиниката имаше 200-300 луѓе, по што персоналот направи посебни списоци за примање прва и втора доза. Медицински сестри и лекар излегоа надвор и ги вакцинираа граѓаните дојдени за прва доза, додека внатре се примаа оние за втора доза. Пред поликлиниката е присутна полиција, но не успева да воведе ред.

    Паралелно со вакцинацијата без закажување се одвива и ревакцинацијата на децата од 12 до 16 години, за кои вакцината на „Фајзер“ кај нас беше одобрена минатиот месец.

    Од Министерството за здравство утринава соопштија дека во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните.

    „На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 543.597 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.030 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.679 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 982.645 дози вакцини, а ревакцинирани се 439.048 граѓани“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството за здравство велат дека поради зголемениот интерес за вакцинација од утре се отвораат дополнителни четири вакцинални пунктови во Скопје, и тоа во поликлиниките Бит Пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров.
    Во две смени ќе работат пунктовите во Чаир, Јане Сандански, Букурешт и Бит Пазар, а во прва смена ќе работат Шуто Оризари, Драчево и Ченто.

    Од Министерството за здравство велат и дека на располагање се околу 400.000 дози вакцини од сите производители од нив 200.000 за прва доза.

    „За прва доза имаме 80.000 ‘Синовак’, 50.000 ‘AстраЗенека’ и 70.000 ‘Фајзер’. Секоја недела пристигнуваат по околу 20.000-30.000 на ‘Фајзер’ и оваа пратка ќе продолжи да пристигнува и во следните недели до крајот на годината“, соопштија од Министерството за здравство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира